Српскиот актер, продуцент и режисер Драган Бјелогрлиќ гостуваше во емисијата „Недељом у 2“ и во таа прилика оцени дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ е автократ и рече дека верува дека и покрај заробените медиуми и заплашувањата, во Србија ќе има промени по изборите.
На прашањето дали му е паметно да гостува во ХРТ, како и дали поради тоа може да очекува напади во Србија, Бјелогрлиќ одговори потврдно, но додаде дека веќе е навикнат на тоа.
„Напади сигурно ќе има, ги очекувам многу брзо. Долги години сум изложен на тој таблоиден линч, а не само на таблоидот, пратениците во парламентот во Белград ми рекоа да ја напуштам Србија. За жал, тие ги нападнаа и моето семејство и децата. Ме болеше на почетокот, но сега се навикнав на тоа“, рече тој.
Тој рече дека најмногу сака да ја критикува владата во Србија, но не „од страна“.
Тој објасни што мислел кога ја опишал ситуацијата во Србија како зоолошка градина.
„Ја користев таа една метафора. Реков дека кога тие што се на власт ќе ја освојат државата, се создава зоолошка градина, рече Бјелогрлиќ.
Бјелогрлиќ објасни дека неговиот ангажман во јавноста го смета за повеќе социјален, отколку политички.
„Она што го правам со група луѓе е повеќе општествен ангажман отколку политички“, рече тој.
Тој изјави дека тоа е „идеалистички, утописки обид“ да се разбудат апатичните луѓе и да се „размрда летаргијата што се појави во последните години“.
„Искрено никогаш не верував во тоа, секогаш ми пречеше кога разговарам со луѓе и пријатели кои ги гледаат истите работи како мене, но не сакаат да се мешаат, велат дека не сакаат да се занимаваат со политика. Се обидовме да излеземе и да им кажеме на луѓето да се разбудат. Прво треба да излезат на избори, а подоцна да се активираат за да се врати државата што е украдена“, рече актерот и режисер.
Оцени дека во Србија „не е добро што има мала интересна група на луѓе кои ги презеле сите овластувања“.
Додаде дека тоа се однесува на институции и органи „кои треба да ја вршат работата за која се платени“.
Бјелогрлиќ рече дека во Србија има криминализација на општеството и дека репресивниот апарат е поврзан со криминални кругови.
„Ја имаме оваа огромна криминализација на општеството. Имаме полицајци за кои има јасни докази дека соработувале со криминалци. Тие не се санкционирани, овие работи се игнорираат. Имаме голема неправда и двојни стандарди“, рече тој.
Додаде дека „медиумите ги линчуваат сите оние кои се осмелуваат да кажат нешто“.
Имаме агресивен владин наратив и насилство што навлезе во секоја пора на општеството и сиромаштијата“, рече Бјелогрлиќ.
Претседателот на Србија, Александар Вучиќ, го нарече автократ и индиректно го прозва Западот, кој таквите лидери ги нарекува „стабилократи“. Ја окарактеризира Србија како „хибриден режим“. Изјави дека со својот „автократски профил на личноста“ претседателот Вучиќ „создаде цела низа полтрони“.