Најистакнатиот и највлијателниот рок бенд од поранешна Југославија „Бјело дугме“, прославува 50 години од своето постоење со голема турнеја, насловена како „Doživjeti Stotu“.
Култниот сараевски бенд, предводен од Горан Бреговиќ ќе свири 50 концерти во 50 градови. Славеничката турнеја стартуваше во мај годинава, од местото каде што всушност започнало се, Домот на млади во Сараево, во далечната 1974 година, а на 12-ти април „Бјело дугме“ доаѓаат и во Скопје. Во организација на Прагма продукција, легендарниот рок состав ќе одржи концерт во „Арена Борис Трајковски“
-Во Скопје доаѓа оригиналната постава на „Бјело дугме“ – Горан Бреговиќ, Ален Исламовиќ, Младен Војичиќ-Тифа, Ѓиѓи Јанкелиќ, Огњен Радивојевиќ и Зоран Реџиќ кои ќе приредат повеќечасовен рок спектакл, потсетувајќи ја публиката на старите добри времиња.
Половина век е навистина голема бројка, не само за музиката и рокенролот, туку и за целата музичка индустрија, бидејќи нивното влијание на музичката сцена беше огромно, а нивните албуми станаа класици на модерниот рок. Бендот има објавено девет студиски, три концертни албуми, бројни компилации, полнејќи сали и стадиони ширум поранешна Југославија, појаснуваат од организацијата.
-Не славам родендени, но 50-те години од „Бијело дугме“ сакам да ги прославам. Има нешто што ми се допаѓа во сето тоа. И после 50 години некако се уште ми е убаво да свирам, а има публика која сака да го слуша сето тоа. Без оглед на тоа што е 50 години од постоење на бендот, сепак успеавме да најдеме преживеани, вели Бреговиќ.
Низ текот на овие 50 години, бендот претрпе многу промени во внатрешниот состав, но и покрај тоа, „Бјело дугме“ и понатаму се рокенрол атракција, а нивното влијание и понатаму се чувствува, не само во регионот, туку и во многу земји од источна Европа, каде што нивните концерти секогаш се очекуваат со голем интерес.
Влезниците за концертот се пуштени во продажба по цени од 1.200 до 3.500 денари.
Вики Клинчарова