Бизнисот со цвеќе им процвета на Турците – по смртта на Кралицата Елизабета нарачките им се зголемија за 90 проценти

by Fokus

Турските цвеќари сега користат товарни авиони наместо камиони за да испратат што е можно повеќе цвеќиња во Велика Британија.

Таму се соочуваат со зголемена побарувачка на цвеќиња по смртта на кралицата Елизабета Втора, пренесува „Ројтерс“.

Нарачките за сечено цвеќе се зголемија за 90 отсто откако умре кралицата, вели Селчук Челеби, член на стоковната берза во Анталија, додавајќи дека турските цвеќари можеле да задоволат само околу 40 отсто од побарувачката.

„Во Анталија е крај на сезоната. Се наоѓаме во период кога производството во планинските области на Испарта опаѓа“, изјави Челеби за „Ројтерс“.

Зголемувањето на побарувачката ги натера цвеќарите да ангажираат авиони за нивните испораки во Британија, што трае еден ден, во споредба со камионите каде испораката трае една недела, рече Челеби.

„Туркиш карго“, филијала на авиокомпанијата „Туркиш ерлајнс“ објави дека почнала да испорачува повеќе од 500.000 цвеќиња, тешки околу 13 тони, во Англија за погреби од турските провинции Анталија и Испарта.

„Турски карго од почетокот на неделата до Лондон испорача околу четири тони цвеќе“, се наведува во соопштението.

Во периодот од 5 до 12 септември официјалните податоци покажуваат дека извозот на цвеќе од Турција во Англија е зголемен за 40 отсто во однос на минатата година, наведува „Ројтерс“.

Поврзани новости