БИЗНИСОТ СО ГРЦИЈА, СТРАНСКИТЕ ИНВЕСТИЦИИ СО МИЗО И СТАРТОТ НА НОВАТА ВЛАДА

Пишува Бранко Азески, претседател на СКСМ

by Fokus

И минатиот пат констатиравме и сега повторуваме дека после изборите работите добиваат на интензитет. Минатата недела беше ефикасна на секаков план. Но, оваа што претстои најавува нови активности од интерес за компаниите.

На 29 и 30 мај Коморскиот инвестициски форум во Солун го организира Третото издание на Коморската академија, наменета за искуства и најдобри практики помеѓу коморите од Западен Балкан, но компаративно и со западно-европските комори. Фокусот на овогодинешната академија ќе биде на коморските услуги, кои се насочени кон овозможување на поддршка на компаниите од Западен Балкан во интегративните процеси кон единствениот пазар на ЕУ.

Следната недела на 5 и 6 јуни, генералниот секретар на КИФ д-р Татјана Штерјова Душковска во Атина ќе учествува на 29-тиот форум за електрична енергија на Европската енергетска заедница. Таа ќе биде панелист и ќе се фокусира на предизвиците на енергетската транзиција.

На 13 јуни нашата комора организира Бизнис форум со Унијата на грчките комори во Солун, како дел од активностите на Асоцијацијата на балканските комори. Ќе имам средба и со мојот колега Масутис, а ќе го посетиме и Солунското пристаниште. Во овие деловни средби досега се пријавени околу 50 компании, но ве повикувам доколку има интерес, да ни се придружат и другите, имајќи предвид дека Грција традиционално е меѓу нашите најголеми трговски партнери.

Овде посебно сакам да го нагласам минатонеделниот избор на господинот Виктор Мизо, наш потпретседател за претседавач на бордот на „Македонија 2025“. Со тоа Комората го зголемува своето заедништво со најзначајните бизнис асоцијации кои што работат во интерес на својата држава и на тој начин игра значајна улога во контролирањето на државните економски политики. Тоа е во согласност со нашата политика, потврдена во декларацијата, донесена на 100 годишнината од нашето основање.

Во секој од овие мои кажувања истакнувам по некој позитивен пример. Сега сакам тоа да го направам на еден мој специфичен начин со нашиот потпретседател Виктор Мизо, кој направи кариера за која сонуваат многумина.

Почна од Охрид, достигна до Менхетн, кога државата го повика да се врати назад, кога на Комората и требаше поддршка тој ѝ ја даде и сега го шири своето влијание насекаде во интерес на бизнисот. Ете одличен пример како секој може да придонесе за напредок на својата држава. Минатата недела имав работна вечера со газдата на „Костал“ Андреас Костал. Во разговорот неколку пати напомена дека доаѓањето на „Костал“ во Охрид е дело на Виктор Мизо, но уште позначајно што токму во таа фабрика се изработуваат најспецифичните делови со највисока технологија од производството во целата коорпорација. Најголема гаранција за тоа е Виктор Мизо. Ние ќе продолжиме со инвестициите, а неговото искуство и знаење ќе го шириме низ целиот свет каде што имаме фабрики. Навистина големи зборови за еден човек, кој со својата упорност ги руши сите бариери. Му посакувам на новата должност во „Македонија 2025“ да направи резултат како во „Костал“ и во Комората.

Во моментов многу посветено работиме и на прецизирање на методологијата за соработка со новата Влада. Фокусирањето на извозот, иновативноста и продуктивноста, како основа на додадената вредност ќе бидат поле за наш најголем интерес и приоритет, но нема да бидат запоставени ни парафискалните давачки, регулаторната гилотиња, даночниот календар, член 218 од Законот за извршување, холдингот, итн. Во согласност со тие усогласување, ќе се прилагодиме и ние на кој начин најдобро ќе партиципираме во новата владина програма.

П.С. За да ја разбиеме монотонијата, овој пат со слики и кратки коментари ќе прикажеме дел од нашето работење.

Заедно сме појаки е девизата на младите “коморџии”

Самодовербата, имплементацијата и одговорноста се трите волшебни збора за успех. Ако имаш самодоверба и знаеш да имплементираш, тогаш ќе бидеш и одговорен. Кој не може да го исполни тоа што е донесено како законски пропис, мора да си понесе одговорност. Доволно ни се ветувања во стилот “ќе биде”.

Нашиот амбиент е амбиент во кој секој се знае. Особено за водење бизнис има многу “сезнајковци”, па ве учат вас бизнисмените што треба да правите. Тоа треба да се промени.

Искуството и младоста заедно.

Три познати фаци и три за кои ќе се чуе подоцна

(регионална соработка, енергетика, градежништво)

Новиот договор за економски развој го трасира најкраткиот пат до успехот.

Но, најкраткиот пат не е секогаш и најдобриот пат.

Поврзани новости