Бизнисменот Митровски: За рекетот пријавив кај амбасадорот на Латвија, а тој го извести министерот Димитров

by Фокус

Почесниот конзул на Латвија, бизнисменот Зоранчо Митровски, во моментот сведочи на судското рочиште за случајот „Рекет“. Тој е повикан бидејќи, наводно Бојан Јовановски, преку неговиот адвокат и кумашин, му побарал 2 милиони евра за да се спаси од истрагата за „Поштенска банка“ во која и тој беше осомничен.

-Медиумите пишуваа дека и јас сум еден од осомничените, поради што бев многу вознемирен, бидејќи се валкаше моето име и мојата 29-годишна кариера. Тогаш добивав добронамерни совети, кокетирања, дека не е ништо страшно, дека може да се среди. Тогаш адвокатот ми кажа дека Бојан Јовановски му рекол да платам 2 милиони евра – рече сведокот Митровски.

Тој истакна дека тогаш сфатил дека ситуацијата е сериозна и воедно појасни зошто не го пријавил веднаш случајот.

-Во ноември 2018 година, СЈО беше многу моќно, па не се осмелував кај некој обвинител или во МВР да пријавам рекет. Ми беше срам да пријавам и заради Македонија, за тоа што се случува тука – рече сведокот.

Тој појасни и дека никогаш не платил рекет, а со Јовановски не се сретнал директно, туку понудата му била дадена преку неговиот адвокат. Бизнисменот појасни дека сепак случајот го пријавил на нерезидентниот амбасадор на Латвија.

-Тој имал состанок со министерот за надворешни работи по што добив порака дека нема да има веќе проблем со Јанева – рече сведокот.

Тој во своето сведочење истакна дека прво мислел дека Боки 13 го злоупотребува името на Јанева, но потоа имал поинаква слика.

-Сега мислам дека Бојан Јовановски бил злоупотребен од Катица Јанева, со оглед на хронологијата која ја имам за случувањата – рече сведокот.

В.В.

Поврзани новости