Бизнисменот Сеад Кочан до Кривичниот суд поднел ново барање за одложување на затворската казна, бидејќи за два дена, поточно на 17 јули, треба да се пријави во затворот „Идризово“.
-Кај судија за извршување на санкции доставено е ново барање за одлагање на извршувањето на затворската казна за кое е потребно да се извршат неопходни извиди по што судија ќе одлучува, а по донесеното решение странките и јавноста ќе бидат навремено известени, информираат од судот.
Кочан пред неколку дена беше примен на лекување во приватна клиника, па најверојатно поради влошена здравствена состојба ќе бара одложување на казната од 4 години и 8 месеци за случајот „Труст“.
Тој веќе еднаш поднесе барање за одложување, но истото беше одбиено. Од Кривичниот суд информираат дека сега е одбиена и неговата жалба.
-Заради интерес на повеќе медиуми, ја информираме јавноста дека – Кривичниот совет при Основниот кривичен суд – Скопје, постапувајќи по жалба изјавена против решение на судија за извршување санкции од 01.07.2019 за предметот со К.бр. 1459/17 од обвинителството означен како „Труст“, на 12.07.2019 год одржа седница и по ценење на фактите и доказите донесе решение со кое ја одби жалбата на обвинетиот и го потврди решението на судија за извршување санкции, велат од судот.