Бизнисменот Кочан набрзо ќе добие упатен акт за во затвор

by fokus

Бизнисменот Сеад Кочан, за најмногу десетина дена треба да го прими упатниот акт за издржување на затворската казна од четири години и осум месеци, која му беше изречена во предметот „Труст“. Откако упатниот акт ќе му биде доставен, тој самиот ќе треба да замине во затвор, за издржување на казната.

Судијата Сафет Кадриу за „Фокус“ потврди дека второстепената пресуда за овој предмет е веќе напишана, и во понеделник или вторник ќе биде испратена во Кривичниот суд.

Откако пресудата ќе стигне во првостепениот суд, преку АКМИС системот ќе биде одреден судија за извршување на санкциите, кој ќе треба да го изготви упатниот акт на Кочан за во затвор.

-Денот на јавувањето во установата се одредува така што на осуденото лице да му останат најмалку осум, а најмногу 13 дена од денот на приемот на упатниот акт, се предвидува во Законот за извршување на санкциите.

Додека го чекаше упатниот акт, екс премиерот Никола Груевски, иако беше правосилно осуден, сепак успеа да избега од државата.

Кочан сламката за спас може да ја бара во Врховниот суд, со поднесување на вонреден правен лек, но и да бара одложување на извршувањето  на казната, како што направи Владо Бучковски, кој и покрај правосилната пресуда никогаш не отиде во затвор. Во меѓувреме Врховниот суд ја укина пресудата за Бучковски и процесот почна од почеток.

Апелациониот суд пак за истиот случај „Труст“ пресуди условна казна за обвинетиот Василије Авироивиќ.

В.В.

Поврзани новости