Еден од најбогатите бизнисмени на Малта, Јорген Фенеч, е обвинет за убиство на малтешката новинарка Дафне Каруана Галиција, која беше вклучена во разоткривање на корупцијата, вели обвинителот во судските документи кои беа денеска објавени.
Фенеч е во затвор откако беше уапсен во ноември 2019 година, кога беше обвинет за соучество во убиството. Оттогаш, тој беше во фаза на предистражна постапка за проверка на доказите, за време на која се изјасни за невин.
Каруана Галиција беше разнесена од бомба поставена под нејзиниот автомобил на 16 октомври 2017 година, во убиство што ја шокираше Европа и отвори прашања за владеењето на правото во најмалата земја членка на Европската Унија.
Фенеч беше на чело на бизнис-империја со учество во многу дејности – недвижен имот, увоз и трговија со автомобили. Тој исто така беше на чело на конзорциум на кој, на контроверзен начин, му беше доделен владин договор за изградба на електрична централа.
Каруана Галиција истражувала потенцијална корупција во врска со тој договор во времето кога беше убиена. Тројца мажи обвинети за поставување и активирање на бомбата беа уапсени во декември 2017 година. Еден оттогаш се изјасни за виновен и во согласност со постигнатата спогодба беше осуден на 15 години затвор. Другите двајца чекаат судење.
Посредникот во заговорот за убиството, Мелвин Теума, доби помилување откако тој на државата ѝ предаде докази во 2019 година. Обвинителите бараат доживотен затвор за Фенеч, велат судските службеници.