„Фокус“ веќе објави дека еден од најблиските соработници во сенка на актуелната градоначалничка на Скопје, Данела Арсовска е Драган Митковски.
Сепак, покрај бизнисите на „книговодителот“, по неговите стапки продолжуваат и неговите тројца синови, на чие име можат да се најдат по неколку компании. Тие уште на млади години тераат успешни бизнис-кариери, за кои податоци можат да се најдат во Централниот регистар.
Еден од нив е Андреј Митковски, кој е истовремено сопственик и управител на две фирми. Првата е „Ристевски Спорт“, формирана пред шест години, поточно во 2017 година, додека, пак, втората е „Митковски консалтинг ТП Андреј Драган Митковски“.
Таа е основана три години подоцна, односно во 2020 година. Многу малку податоци можат да се најдат и за двете фирми, но со секое пребарување се појавува името на таткото.
Така доаѓаме и до другите двајца браќа – Благоја и Александар Митковски, кои фигурираат како сопственици на компанијата „Митковски – Три Д“, која, исто така, е регистрирана во скопски Ѓорче Петров.
Од тоа што можевме да го откриеме за фирмата, станува збор за компанија застапник на светски познатиот бренд „Асикс“, која преку мотото „здраво тело, здрав дух“ и редовна физичка активност значително помага во креирањето здрава нација. Така барем е опишан познатиот бренд.
Во 2020 година, на дел од порталите се појавија информации дека главниот сметководител во државата отворил продавница во познат трговски центар.
„Семејството на Драган Митковски отвори салон за спортска опрема на вториот кат во еден шопинг мол во Скопје. Неговата компанија Митковски ММ е првиот официјален застапник во Македонија на брендот „Асикс“.
Раководители ќе бидат моите три сина Благоја, Александар и Андреј, тврдеше пред две години Митковски.
Притоа, под објавените текстови може да се забележи и семејна фотографија од Митковски, каде што е тој заедно со сопругата и тројцата синови, фотографирани на свеченото отворање на салонот за спортска опрема.
Интересно во целата приказна е што сите патишта укажуваат на индиректна поврзаност на фирмите на Митковски со компаниите на таткото на Арсовска.
Ирена Мулачка