Компанијата „Др. Пановски“ влезе во топ десет фирми лани со најголема вредност во јавните набавки. Оваа фирма веќе подолг период е предводник во здравствениот сектор, а скапите лекови или пак познатата биолошка терапија воведена во времето на Филипче од 2019 година наваму се набавува токму од оваа компанија.
Првите тендери оделе преку министерството за здравство, со оглед на тоа што се работи за милионски суми на пари, поточно бизнис зделка тешка над 40 милиони евра. Тука се и другите милионски тендери за набавка на лекови за ретки болести, за хемофилија, инсулин…
Па така, според податоците на Бирото за јавни набавки, првиот склучен тендер за набавка на оваа скапа терапија оди во рацете на „Др. Пановски“, бизнис зделка тешка 13,3 милиони евра. Целата процедура се одвива преку министерството за здравство, со оглед на тоа што се работи за тендери со милионски суми на пари, за кои болниците немаат финансиска моќ да ги спроведат.
Откако ја воведоа биолошката терапија, ресорното министерство го склучува договорот со фирмата, која ќе ги набавува лековите, неопходни за болните од карцином.
Податоците на Бирото за јавни набавки покажуваат дека тендерот е склучен на 16 август, 2019 година, а на него конкурирале три компании, од кои победничката ја понудила најниската цена. Со овој тендер се опфатени неколку клиники и повеќе болници низ државата. Договорот се склучува на две години.
Нешто подоцна, поточно на 21 декември, 2020 година министерството за здравство прави уште еден тендер во вредност од 1,7 милиони евра. Бизнисот повторно го добива компанијата „Др Пановски“, а таа била и единствен понудувач на тендерот, односно целата набавка оди преку рамковна спогодба.
Според податоците објавени на Бирото за јавни набавки, биолошката терапија се набавува за потребите на Клиниката за онкологија и за скопска Хематологија, со која управува Ирина Пановска-Ставридис, ќерка на сопственикот на веледрогеријата Златко Пановски.
Во неколку наврати досега објавивме дека таа како прв човек на клиниката се иззема од секој тендер што е поврзан лично со фирмата на нејзиниот татко, иако во случајот тендерската постапка се одвива преку ресорното министерство. Но, како и да е, тоа не значи дека не може да има индиректно влијание. Поточно, таа не е потписник на ниту еден документ поврзан со фирмата на Пановски.
Само една година подоцна, компанијата добива уште еден милионски тендер и тоа бизнис зделка тешка 21,7 милиони евра. Податоците на БЈН покажуваат дека на тендерот, кој бил распишан од министерството за здравство учествувале две компании, а бизнис колачот или победничката фирма била онаа која понудила најниска цена, во случајот „Др.Пановски“.
Договорот бил склучен на 30 август, 2021 година за набавка на биолошка моноклонална и таргет терапија за потребите на дел од клиниките и болниците низ државата.
Пишува: Ирена МУЛАЧКА
ЦЕЛИОТ ТЕКСТ МОЖЕ ДА ГО ПРОЧИТАТЕ ВО НАЈНОВИОТ БРОЈ ОД НЕДЕЛНИКОТ “ФОКУС” КОЈ ШТО МОЖЕТЕ ДА ГО КУПИТЕ И ВО ЕЛЕКТРОНСКА ФОРМА НА ОВОЈ ЛИНК