Можеби во прв план новите министерства кои ги изгласа новото парламентарно мнозинство ќе функционираат со постоечките вработени, но веројатно е дека овие министерства ќе си вработуваат и други луѓе, истакна аналитичарот Костантин Битраков гостувајќи на „Топ Тема“ на ТВ Телма.
– Никаква гаранција немаме дека тоа нема да значи нови вработувања. Во програмата на ВМРО-ДПМНЕ се вели дека ќе скратат 150 државни органи, но тие се околу 70 во моментов. Реорганизацијата не треба да биде само спојување на органи, туку да се зборува и за човечкиот фактор.
Едно е да се укинат замениците директори во јавни претпријатија, но ако се укинуваат сите заменици, тоа може да значи нешто. Најголем дел од јавните претпријатија се формирани од општините, а тие со закон Владата не може да ги укинува – рече Битраков.
Укинувањето на економските директори, замениците директори и на дел од институциите, односно кратење на јавната администрација, го најави лидерот на ВМРО-ДПМНЕ и мандатар, Христијан Мицкоски.
– Еве можам да ви кажам дека идната влада нема да има повеќе организациски или т.н. економски директори во здравствените установи низ Македонија, со што за стотина функционери ќе биде помала администрацијата. При формирањето на управните одбори имаме согласност таа бројка да биде за 20 проценти намалена од таа којашто беше досега. Следен чекор е укинување на позицијата онаму каде што постои заменик (директор) и нормално уште еден чекор, а тоа е намалување на бројот на пратениците во парламентот, но за тоа е потребно отворање на Уставот, од 120 на 90, изјави Мицкоски кој вели дека кратењето ќе биде повеќе од 10 проценти како што беше најавено во програмата.
Оваа најава доаѓа откако без јавна дебата за само неколку дена се изгласа Закон со кој се зголеми бројот на министерствата од 16 на 20.