Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (АВМУ) на денешната седница одлучи да почне постапка за одземање на дозволата за радиоемитување на Радио Бикиал од Битола поради недоволна кадровска екипираност.
Како што беше истакнато, при контрола било утврдено дека во радиото има само едно лице со високо оразование, а согласно одредбите за локално радио непоходно е да има минимум три вработувања од кои две на местото новинар со високо образование.
Постапка за одземање на дозволата за емитување беше покрената и против ТВ Ирис од Штип заради нецелосно плаќање на надоместокот. Телевизијата, беше нагласено, во законски предвидениот рок не го платила надоместокот, а тоа го правела и во изминатите три години кога плаќале по добивањето на опомната и отпочнувањето на постапката за одземање на дозволата. Очекуваат и годинава да се случи тоа, бидејќи им останало да доплатат уште 100.000 денари.
АВМУ на денешната седница го прифати предлогот за промена на сопственичката структура на РТВ Дрини од Струга и заклучи дека постои недозволена медиумска концентрација кај Супер Радио од Охрид, бидејќи основачот на радиото е основач и на агенција за маркетинг. Основачот има рок од 30 до 90 дена да го реши проблемот.
Извор: МИА