Битолскиот декан го исклучувал парното поради штедење

by Фокус

Деканот на Техничкиот факултет во Битола, д-р Благојче Нусев вели дека парното го исклучувал за да заштеди нафта, а не поради Автономната зона која ја формираа студентите и на овој факултет и кадешто навечер преспиваат во простории без греење.

-Не е вистина дека јас намерно го исклучувам парното. Ние имаме предвидено греење од 7: 30 до 15:30 часот секој ден. Ако пуштиме парно и во текот на ноќта ќе ни се потрошат залихите, а ние и вака едвај кубуриме дури помине грејната сезона. Затоа еве студентите имаат слобода и моја дозвола да носат греалки од дома и да се греат на сметка на факултетот, изјави деканот Нусев за НОВА ТВ.

Веќе трет ден откако битолските студенти формираа Автономна зона на Техничкиот факултет. Сите акивности и алтернативни предавања ги спроведуваат во ладните простории на факултетот. Но, велат дека нема да се откажат и дека веќе се навикнале на студот. Го повикаа и министерот Адеми да ги посети и да види како функционира Автономната зона.

Тие денеска повторно апелираа до граѓаните кои се во можност да им позајмат грејни тела, ќебиња и душеци.

-Ова веќе не е хумано. По трет пат апелираме граѓаните поради ниските температури во текот на ноќта и оваа вечер да дојдат и да донираат во Техничкиот Факултет Битола, напишаа битолските планумци на својата Фејсбук страница.

 

 

Поврзани новости