Битолски весник го прославува 55 роденден

by fokus

Битолски весник, петок на 17 мај, во Народниот театар ќе го одбележи својот златен  и редок јубилеј, 55 години од излегувањето на првиот број. Пред точно 55 години, на 29 април 1964 година, во предвечерјето на празникот на трудот, 1 Мај, излезе првиот број на Битолски весник.

По повеќе неуспешни обиди да се издаде градски весник, група ентузијасти и вљубеници во пишаниот збор на 29 април 1964 година го издадоа првиот број на Битолски весник.

По иницијатива на тогашниот секретар на ОК ССРН, Иван Гиновски, првата редакција на Весникот која ја сочинуваа Владо Ласковски дир. гл. и одг уредник, кој на ова место дојде од „Студентски збор“, потоа Голуб Чакулевски, новинар на „Борба“,  Ристо Невеновски, новинар на „Радио Битола“,  Димитар Димитровски -Такец, новинар на „Нова Македонија“, Доне Пановски и Кирил Георгиевски, како фоторепортер го издадоа првиот број на Битолски весник.

Во подготовката и уредувањето на првиот број на Битолски весник свој значаен придонес дадоа и соработниците Лазо Бунтевски, Душко Констадинов, Димче Миновски, Петар Ставрев, Никола Талевски, Тоде Петревски, Никола Христовски, Тихомир Груевски, Атанас Тасевски, Панде Петров.

Битолски весник е без сомнение не само единствениот локален весник којшто успешно опстојува во медиумскиот простор на печатените медиуми во Македонија, туку е и единствениот весник во државата којшто за период од 55 години редовно излегувал и немал ниту еден прекин во печатењето.

Само за илустрација да наведеме дека поради недостиг на средства  веќе неколку години не излегуваат локалните весници со долгогодишна традиција: „Народен глас“ од Прилеп, „Наш весник“ -Куманово, „Полог“ – Тетово, „Вардарски глас“ – Велес, „Прес­пански весник“- Ресен, „Езерски глас“ – Охрид, „Штипски весник“ -Штип, „Актуелност“ – Кочани…

Тешките пазарни услови на стопанисување, особено во печатениот медиумски простор во изминатите години не го преживеаја и неделнците „Млад борец“, „Студентски збор“, „Дело“, „Старт“, „Зум“, „Национал“, „Пулс“, „Екран“, „Остен“, „Скок“, „Република“, „Жена“, дневните весници „Дневник“, „Утрински весни“ и „Вест“.

И покрај тоа што како и останатите печатени медиуми во Македонија и Битолски весник во своето опстојување се среќавал со големи финансиски тешкотии и проблеми веќе и е оставен на ветрометините на пазарната економија, сам да се грижи за својот опстанок, без никаква буџетска помош, сепак овој весник  во сите овие 55 години ниту еднаш не престанал со излегување и печатење.

Битолски весник цели 55 години е вистински хроничар не само за настаните од Битола и регионот, туку тој има и непроценливо големо влијание и за информирањето на нашите иселеници во странство, особено во европските и прекуокеанските земји, каде што има бројни претплатници. Битолски весник веќе децении наназад е најпосакуваниот весник за нашите иселеници од Битолскиот регион во Австралија, Канада, САД.

Денес речиси нема институција во Битола која не добива Битолски весник. Тој се пласира во сите битолски фирми, акционерски друштва, устано-ви, културни и јавни институции, поединци, трговски друштва и во речиси  сите значајни  големи компании и  др-жавни институции во Републиката.

Во  Битолски весник во изминатите 55 години свој ангажман имале голем број новинарски пера, бројни писатели, поети, рецензенти, критичари, колумнисти, сатиричари, карикатуристи, познати не само на битолскиот медиумски простор, туку и пошироко.

Во својата богата издавачка дејност  Битолски весник  во неговата историја издал над стотина книги, брошури, монографии  на значаен  број  битолски автори, како што се:  Ванчо Николевски, Вера Бужаровска, Јован Боцевски, Владо Додовски, Стојан Тарапуза, Видое Подгорец, Цане Здравковски, Радован Цветковски, Панде Манојлов, Панде Петровски и други бројни автори.

Воедно,  Битолски весник,  во сите изминати 55 години, се афирмирал и како организатор на значајни манифестации.

Имено, Битолски весник веќе 20 години со ред мошне успешно ја организира својата манифестација „Избираме најуспешни битолчани“ која е мошне ценета и прифатена кај граѓаните на Битола, која одамна битолчани ја викаат битолски оскар.

За сите овие успеси  Битолски весник е добитник на многу признанија и дипломи. Во 2004 година по повод 40-годишнината од излегувањето на првиот број  Битолски весник  го доби највисокото општинско признание, наградата „4-ти Ноември“.

Во сите овие изминати 5,5 децении од излегувањето на првиот број на Битолски весник сите новинари, без разлика на која генерација припаѓаа, при пишувањето ги водеше една силна љубов кон весникот и желбата секогаш да се пишува професионално, совесно и одговорно.

На прашањето кој е рецептот за  опстојувањето на Битолски весник, неговиот прв човек Менде Младеновски вели:

-Нема тука голема филозофија: Единствениот рецепт е само љубов, ентузијазам, работа и посветеност кон новинарската професија и весникот.

Поврзани новости