Битолски Пелистер и Марковски Компани минатата година склучиле договори во 4 очи со ЕЛЕМ од 7 и пол милиони евра

by Фокус

Договорот меѓу АД ЕЛЕМ и битолски Пелистер за ископ на јаглен и јаловина за потребите на РЕК Битола во износ од скоро 5,8 милиони евра е најголемиот најголемиот договор за јавна набавка во минатата 2016 година, склучен во постапка за преговарање без претходно објавување на оглас.

Според податоците од Бирото за јавни набавки, договорниот орган го оправдува склучувањето на овој договор „од причини од крајна итност, предизвикани од настани кои договорниот орган не можел да ги предвиди и да му се припишат како пропуст, па не можел да се примени рокот за објавување на отворена постапка, ограничена постапка…“.

Во најголемите договори во 4 очи има уште два што ги склучила државната компанија за производство на електрична енергија поврзани со ископ и транспорт на јаглен од рудниците во рамки на РЕК Битола, но овојпат со Марковски Компани за набавка на механизација, при што едниот е во износ од околу 1.150.000 евра, додека вториот е во износ од над 600.000 евра.

Во таква постапка со преговарање без претходно објавување на оглас, АД ЕЛЕМ и Марковски компанија склучиле договор за користење и ангажирање на помошна и градежна механизација за потребите на РЕК Битола во 2012 и во 2013 година, во износ од 7,5, односно 14.5 милиони евра.

Како што објави Центарот за граѓански комуникации, кој врши мониторинг на трошењето на јавните пари, во 2016 година склучени биле 605 договори за јавна набавка без објавување оглас од причини од крајна итност, од технички и уметнички причини или пак анекс-договори, чија вкупна вредност изнесува 34,8 милиони евра.

„Потребно е да се воведе и обврска за Бирото за јавни набавки да изготвува и јавно да објавува, најмалку на годишно ниво, анализа на склучените договори по пат на преговарање без објавување оглас со наведување на економските оператори со кои се склучени таквите договори“, препорачува ЦГК.

Во споредба со 2015 година, минатата година институциите склучиле 346 повеќе договори во нетранспарентна постапка, меѓутоа во 2016 година вредноста на договорите била многу поголема, така што нивната вкупна вредност на крајот испаднала за 5,8 милиони евра повисока во споредба со 2015 година.

В.С.

Поврзани новости