Битолскиот актер Васко Мавровски синоќа бил викнат на 40-минутен службен разговор во полиција по пријава на министерката за култура Бисера Костадиновска-Стојчевска.
Причина за полицискиот повик бил за вознемирување на Фејсбук, а подоцна актерот бил пуштен со усно предупредување.
„Почитувани, би сакал да ве известам дека синоќа во 21:30 часот од страна на двајца полициски службеници бев повикан под итно да ја напуштам пробата во НУ Народен театар Битола за да ми биде врачен некаков документ. Иако за нас актерите пробата е свет чин бев приморан да го напуштам објектот. Пред влезот на НУ Центар за култура во период кога публиката ја напушташе кино проекцијата полицијата ми даде да потпишувам покана за информативен разговор во полициската станица со напомена дека веднаш треба да бидам спроведен. По кратко натегање прифатија сам да се пријавам во рок од 20 минути. Заедно со мојот адвокат се пријавив во полициската станица и ми беше соопштено дека министерката за култура во полициската станица во Кисела Вода пријавила дека таа и нејзиното семејство чувствуваат дека нивниот живот е загрозен поради споменувањето на “продолжен кабел” во мој пост на фејсбук неколку часа претходно. После 40 минути распит и давање на изјава од моја страна бев ослободен од страна на полицискиот службеник“, вели актерот во својата објава на социјалните мрежи.