Битка за Кавадарци: Јанчев уверен во нова победа, противникот Тодоров не се предава

Гасификацијата и решавањето на проблемот на лозарите заземаат централно место во програмите на кандидатите за градоначалници на Кавадарци од ВМРО-ДПМНЕ и СДСМ - Митко Јанчев и Горан Тодоров. Додека Јанчев вели дека е уверен во уште една победа, Тодоров го обвинува за создавање на лажна перцепција и за ширење на бизнисот, па дури вели дека имал среќа што на власт била СДСМ, наместо „неговиот лидер од Будимпешта“. Што велат тие во разговор за Фокус?

by fokus

На последните локални избори пред 4 години, Кавадарци беше една од неколкуте општини каде победија кандидатите на опозицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ. На тие избори, градоначалник на Кавадарци стана бизнисменот Митко Јанчев, кој веднаш потоа стана и потпретседател на ВМРО-ДПМНЕ, во рамки на кадровските промени што ги донесе лидерската смена во опозициската партија. Сепак, за кратко време Јанчев ги залади односите со партискиот лидер Христијан Мицкоски.

На крајот, тој беше разрешен од партиските функции и почна засилено да соработува со владата на СДСМ, која впрочем овозможи поддршка за низа крупни проекти во Кавадарци. Сепак, и покрај нарушените односи со Мицкоски и раководството на ВМРО-ДПМНЕ, опозициската партија на овие избори повторно одлучи да го кандидира Јанчев, кој во спротивно најави независна кандидатура за градоначалник на Кавадарци. Дали тоа значи дека двајцата ги тргнале несогласувањата настрана?

Видете, ако разговарате само со луѓето со кои се согласувате, континуирано ќе бидете ограничени на една перспектива и ќе ги исклучите останатите можости. Но, ако разговарате со луѓе со кои не се согласувате, градите перцепција за други можни перспективи и потенцијални искуства. Токму низ вакви разговори, користејќи ги разликите како предност, ќе ги зајакнеме партиските и демократските принципи на ВМРО- ДПМНЕ – вели Јанчев.

Тој посочува дека во изминатите 4 години како општина имале коректен однос со централната власт на СДСМ. Како што истакнува, Кавадарци е општина која се наоѓа на врвот на листата на општини кои најмногу придонесуваат во полнењето на државниот буџет, па согласно тоа, според него, кавадарчани сразмерно го добиваа она што го вложуваа. Оттука, Јанчев во наредниот мандат очекува поддршката од централата да биде уште поголема, без разлика која партија ќе го има владејачкото мнозинство.

Гасификацијата и изградбата на примарната гасоводна мрежа, затворен градски базен со СПА-содржини, дневен центар за деца со посебни потреби, изградба на пензионерски дом, бесплатен оброк за сите ученици од 1-во до 5-то одделение, се само дел проектите содржани во мојата предизборна програма за сите кавадарчани – посочува Јанчев, додавајќи дека неговиот тим веќе изготвил програма заснована на „реалните потреби на сите граѓани на општината“.

За изминатите 4 години, тој ги издвојува следните проекти: изградбата на колекторскиот систем, велосипедско пешачката патека до локалитет Моклиште, проширување и уредување на трите влезови во градот, изградбата на градскиот пазар, реконструкција на улично осветлување, а со дестилана за претврање на вишокот на грозје во дестилат, како што објаснува, ќе се надмине проблемот со откуп на грозје.

Негов противкандидат на овие избори е Горан Тодоров, претседател на општинската организација на СДСМ во Кавадарци. На прашањето што мисли за Тодоров, Јанчев вели: „Ќе одговорам со извадок од делото на Сун Тзу, „Уметноста на Војната“ – Знајте го Вашиот опонент и никогаш нема да изгубите, знајте се себе си и секогаш ќе победувате. Верувајте, одлично го познавам мојот противкандидат, а уште подобро се познавам себе си“.

КОЈ Е ЗАСЛУЖЕН ЗА ПРОЕКТИТЕ – ЦЕНТРАЛНАТА ИЛИ ЛОКАЛНАТА ВЛАСТ?

Од друга страна, пак, Горан Тодоров смета дека Митко Јанчев имал среќа што Владата е предводена од СДСМ, а не од ВМРО- ДПМНЕ, и што премиер е Зоран Заев, а не Никола Груевски. Да беа, вели Тодоров, неговото ВМРО-ДПМНЕ и неговиот лидер од Будимпешта на чело на Владата, во Кавадарци немаше да биде реализиран ниту еден капитален проект, како што беше во периодот 2009- 2017, кога имаа истовремено имаа и централна и локална власт.

Оваа влада инвестираше 11 милиони евра во Кавадарци. Се решија крупни инфраструктурни проблеми во градот. Јас како претседател на О.О СДСМ Кавадарци, заедно со сите партиски и јавни функционери, макотрпно работевме во Кавадарци да се инвестира онака како што заслужува. Без финансиска поддршка на Владата, Јанчев не би бил ништо подобар градоначалник од неговите претходници – тврди Тодоров.

Во однос на тоа како ги оценува своите шанси за успех, имајќи во предвид дека на една анкета Јанчев беше на врвот на популарни градоначалници, Тодоров посочува дека анкетата била спроведена на ниво на цела држава, а не само во Кавадарци. Луѓето од Скопје, Куманово, Велес и другите градови во државата, според него, се информираат од медиуми и не можат да изградат вистинско мислење за градоначалникот на Кавадарци.

Кавадарчани кои живеат овде, кои гледаат како работи, кои гледаат како се шири неговата бизниз-империја, многу добро го знаат Митко Јанчев, и нема ни приближно таква перцепција за него во Кавадарци. На овие избори јас излегувам растеретен, да го понудам мојот концепт, мојата програма за граѓаните. Мојот концепт кој нуди град во кој сите ќе биде исти – вели Тодоров.

Тој додава дека Кавадарци како индустриски град има насушна потреба од воведување природен гас, што ќе биде неговиот клучен проект во програмата. Покрај тоа, Тодоров додава дека предвидуваат сет на мерки за намалување на загадувањето, строги контроли за загадувачите, воведување на еколошки стандард при изградба, зголемување на зелените површини во градот…

Ќе посветеме сериозно внимание на лозарите и нивните проблеми со откупот и цената. Ќе направиме регионален откупен центар во Кавадарци, со што ќе се врши откуп на грозје од страна на домашни и странски купувачи. Со ова лозарите би добиле сигурен откуп, стабилни цени, а со тоа и сигурен приход. Акцент во мојот мандат ќе имаат и младите. Ќе го поттикнуваме претприемничкиот дух кај секој млад човек. Затоа ќе направиме Центар за започнување бизнис… – посочува Тодоров.

Тој додава дека урбанистичкиот хаос е исто така проблем во општината, истакнувајќи: „Се даваат маркици за градба произволно, од ракав, без никаков концепт, план, визија како треба да се развива и гради Кавадарци. Ние не сме против изградба и развој на градот, меѓутоа со конкретен план и визија, во кои делови и како урбанистички ќе се развива општината…“.

Влатко Стојановски

Поврзани новости