Сите вработени во јавниот и приватниот сектор заслужуваат достоинствени плати со зголемена продуктивност и ефикасност на нивните работни места, рече вицепремиерот за економски прашања и координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи за време на денешната посета на битолската фабрика Цермат.
Тој посочи дека очекува наредната недела да биде постигнат договор за општиот колективен договор.
„Со синдикатите разговараме и јас не сакам да лицитирам со проценти се додека преговараме. Јас останувам на ставот дека сите вработени во јавниот и приватниот сектор заслужуваат достоинствени плати со зголемена продуктивност и ефикасност на нивните работни места. Вработените во јавниот сектор заслужуваат достоинствени плати. Преку дијалогот секако дека ќе добијат одредено зголемување кое што го преговараме. Ќе добијат нова методологија за плати, една засекогаш за да никогаш нема преговори и уцени без разлика на оваа или друга власт што ќе дојде и нормално, најверојатно ќе постигнеме согласност за исплата на К-15 и тоа да биде дел од општиот колективен договор. Моето очекување е дека наредната недела треба да имаме договор за општиот колективен договор со сите дефинирани моменти и понатму тоа да биде поттик за секој еден во јавниот сектор да биде во служба на граѓаните, како и приватните компании кои го генерираат развојот на нашата земја“ – изјави Битиќи.