Ви се обраќам со длабоко чувство за важноста на двојните избори во среда. Државата ни е на крстопат, одлуката која ќе ја донесеме ќе ја обликува судбината на Македонија во годините што доаѓаат. Вашиот глас нема да биде само исполнување на граѓанска должност, туку и влог во наследството кое ќе го оставиме, вели во видео обраќање Фатмир Битиќи потпретседател на СДСМ и ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.
Тој истакнува дека секој глас е скапоцен, притоа посочувајќи дека избори може да се добијат или изгубат со мали разлики, но со големи последици.
-Затоа секој од вас е важен за да продолжиме по нашиот пат кон Европската унија. Да не дозволиме да отстапиме од тоа што седум години го градиме заедно и внимателно. Вашата желба за европски стандард и квалитет на живот е најважна, а тоа може да го исполниме со заокружување на бројот 1, вели Битиќи.
Потпретседателот на СДСМ и кандидат за пратеник, Битиќи потсетува дека пред седум години излеговме од сенките на поделеноста и заробената држава, притоа предупредувајќи дека национализмот и изолацијата повторно демнат, како што тој вели, на нашиот праг.
-Тоа не треба да не’ плаши бидејќи ние ја имаме моќта да одлучуваме за нашата судбина. Секој од нас сноси одговорност, никој не е изоставен. Без разлика дали сте земјоделци, учители, доктори или студенти – вашиот глас е важен. Затоа на 8-ми мај излезете на гласачките места и дадете го својот глас за СДСМ и Коалицијата за европска иднина, изберете го напредокот, оставете зад себе наследство на напредок, единство во различностите и просперитет, порачува Фатмир Битиќи, ко-носител на листата на кандидати за пратеници на Коалицијата за европска иднина во изборна единица 2.