Битиќи: Владата ќе ги замрзне цените ако трговците не ги намалат

by Fokus

„Очигледно така сме навикнати во нашето општество, секогаш е последниот ден, дури и кога е за добра работа. Мислам дека го чекаат последниот ден, но утре наутро ќе ги видиме цените“ изјави вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи во врска со намалувањето на цената на млекото и млечните производи во продавниците која треба да се применува од утре – 16 март.

Тој рече дека анализата на движењата на пазарот покажува дека со завршување на грејната сезона во Европа, и цените на берзата почнале да паѓаат речиси за сите прехранбени производи. Битиќи порача дека и нашите трговци и производители ќе треба да ги следат тековите во светот.

„Ако основните суровини паѓаат, не може цените да останат исти. Цените ќе треба да паѓаат. Како што ги презедовме мерките за основните прехранбени производи – леб, тестенини, млеко и млечни производи, навестивме низа други продукти, ќе ги следиме и другите производи, и ако трговците и производителите сами не реагираат – има јасна порака од Владата: граѓаните нема да ги оставиме сами и ќе донесеме одлука во интерес на граѓаните“ – истакна Битиќи одговарајќи на новинарски прашања пред трибината со млади „Професиите на иднината бараат знаења и вештини денес“.

Одговори дека замрзнувањето на цената е доволно како мерка и тоа е најтешката одлука за нив.

„Во пазарна економија мора да има морал и етика. Ако тие тоа не го спроведат, тогаш Владата ќе ги спроведе мерките што треба да бидат преземени – замрзнување на цените, што е најтешката можна одлука за еден произведувач или трговец. Но, според сите пресметки, не сме нанеле штета со замрзнување на цените“ рече тој.

Поврзани новости