Заменик-претседателот на Владата на Република Северна Македонија задолжен за економски прашања, координација со економските ресори и инвестиции, Фатмир Битиќи беше во посета на РЕК Битола, каде заедно со директорот на ЕСМ, Васко Ковачевски одржаа работен состанок со раководството и дел од производните единици, а го посетија и рудникот „ПЈС“ или поранешен „Суводол“, соопшти владината прес-служба.
Вицепремиерот Битиќи им се заблагодарил на сите вработени во РЕК Битола од целиот народ за сé што прават, за сите напори кои ги вложуваат за да одговорат позитивно на предизвикот во кој што се наоѓаме со производство и снабдување со доволно количество електрична енергија од домашно производство, во целиот овој период на енергетска криза.
-Ова е вистинскиот одговор на кризата кој оваа Влада го дава. Рековме дека заеднички, со заеднички сили ќе го пребродиме овој период и ова е како се преземаат сите мерки за да обезбедиме доволно електрична енергија, изјави вицепремиерот Битиќи, се посочува во соопштението од владината прес-служба.
Вицепремиерот потсетил дека штедењето на електрична енергија продолжува да биде одговорност за сите.
Во соопштението се наведува дека производството на АД ЕСМ, 100 проценти ги задоволи потребите за електрична енергија за потребите на домаќинствата и малите потрошувачи.
АД ЕСМ на 22.10.2022 година произведе 12.040 MWh електрична енергија со што целосно ги задоволи потребите за струја на домаќинствата и на малите потрошувачи исклучиво од сопствените, домашни капацитети.