„Во подготовка сме на буџетот за следната година, предвидуваме антикризни мерки кои ќе бидат солидарни и правични, насочени кон сите, за граѓаните да може да ги поминат празниците со полна трпеза, мерките тоа ќе го гарантираат“.
Ова го изјави вицепремиерот Фатмир Битиќи, при неговото гостувањето во емисијата „Македонија наутро“ на МРТВ.
Тој истакна дека една од најранливите категории се пензионерите и кон нив ќе бидат насочени дел од антикризните мерки.
„Вистински е потребата една категорија на граѓани која секако ќе биде опфатена, а тоа се пензионерите. Затоа што навистина сметам дека реформите кои навистина ги започнавме кај пензискиот фонд и пензионерите со нова методологија за усогласување на пензиите дава ефект, но никој не предвидуваше дека ќе имаме економска криза. Секако дека најранливите, а тоа се пензионерите, ќе бидат повеќе погодени и затоа сметам дека поголем дел од мерките треба да отидат кај пензионерите како целна група, но и другите, како младите и други“, рече Битиќи.
Посочи дека со укинувањето на забраната за акции и промоции во маркетите, што е направено по барање на трговците и тоа дозволува дополнително поевтинување на производите.
„Ние ги следиме работите со гарантираните цени, највеќе доаѓаат од трговците, они побараа да се укине забраната за акции на производи затоа што тоа им дозволува на нив да ги поевтинат производите. Тоа ни укажува во суштина дека имавме право кога велевме дека има вештачко зголемување на цените на одредени производи, затоа што сега со гарантирани цени, плус со акции, можат да се намалат цените, што укажува дека нешто се случуваше“, изјави Битиќи.