Вицепремиерот задолжен за економски прашања, Фатмир Битиќи, денеска на чешко-македонскиот бизнис форум во Битола се обрати пред чешките и македонските бизнисмени.
„Билатералните односи помеѓу Северна Македонија и Чешка се засноваат на традиционално пријателство, меѓусебна поддршка и разбирање. Се одликуваат со континуиран и динамичен политички дијалог. Чешка е една од најгласните поддржувачи на членството на нашата држава во ЕУ. Она што радува, е тоа дека не зборуваме за декларативна поддршка и соработка, туку за конкретна во повеќе области. Како што се во делот на полицијата, одбраната, земјоделството, здравството и други политички области. Овие димензии треба да ги искористиме како цврста основа и за продлабочување на економската соработка, за дополнително унапредување на трговската размена која помеѓу двете земји бележи растечки тренд. Од 277 милиони евра во 2022 година, трговската размена во 2023 година се зголемува на 372 милиони евра“ порача тој.
Битиќи рече дека „постои голем потенцијал за унапредување на економската соработка во делот на воспоставување на нови деловни врски помеѓу компании од двете земји. Постојат неколку сектори кои создаваат можности за компаниите од двете земји да го препознаат својот заеднички интерес. Енергетскиот сектор се наоѓаат во засилена транзиција кон обновливи извори на енергија, секако тука се и транспортот и транспортната инфраструктура, ИКТ, земјоделството и прехранбената индустрија“.
„Можностите се широки. Северна Македонија нуди стабилно, стимулативно и предвидливо деловно опкружување и за отпочнување на водење на бизнис, за реализација на нови инвестиции. Политичката стабилност е еден аргумент кој го нудиме на странските инвеститори. Ние сме полноправна членка на најголемиот и најмоќниот безбедносен сојуз на светот, НАТО, а посветени сме на патот да станеме земја членка на ЕУ. Овие наши политички определби сигнализираат посветеност на демократските принципи, кои влеваат доверба кај бизнисмените. Како Влада ја имаме сфатено важноста на процесот на „near shoring” за нашата економија, а со тоа и неговата важност за европските компании, друштво во кое и вие припаѓате. Вашата потреба да ги држите синџирите на снабдување блиску до крајните потрошувачи, ние можеме да ви ја задоволиме. Нашата стратешка позиција, близината до европските пазари и инфраструктурното поврзување кое го имаме со нив, ви овозможува брзо прилагодување на пазарните промени или шокови. Имам локација, на која доколку се одлучите да инвестирате, ќе ви го забрза транзитот од производството до вашите крајни клиенти“ порача вицепремиерот.
Напомена дека „Северна Македонија нуди цврста системска рамка на предвидливост и силна поддршка, која вклучува различни мерки, како финансиска поддршка за отворање нови работни места, поддршка за капитални инвестиции, со посебен фокус во делот на инвестиции за истражување и развој, каде што изнесуваат до 50% од прифатливите трошоци. Целиот процес на финансиска поддршка на инвестициите е целосно транспарентен, бидејќи го воведовме и првиот дигитален асистент заснован на вештачка интелигенција АДА. АДА ќе ви даде одговори на сите прашања што ги имате во однос на условите за инвестирање, процедурите и начинот на добивање државна финансиска поддршка“.