Политичката цена што можеме да ја платиме како држава заради заложништво и евентуално мешање на Унгарија во внатрешните работи е позадината во овие 500 милиони и може да е поштетна и поголема, отколку придобивката од кредитот, истакна пратеникот на СДСМ – Фатмир Битиќи во гостување на телевизија 24.
Битиќи нагласи дека извозната банка на Унгарија пред само неколку месеци доби кредит за себе од Кина од милијарда евра, и оттука се сомневањата дека може да има политичко влијание не само до Унгарија, туку и од Кина.
– Секое едно задолжување треба да има поголема можност за дебата, да не се води во скратена постапка, рече Битиќи, додавајќи дека еден преседан е што ова задолжување беше предложено од пратеник на владејачкото мнозинство а не од министерот за финансии, а втор преседан е што на расправата не се појави министерот за финансии, туку заменикот министер од друга политичка партија.
Битиќи нагласи дека ова е симптоматично и запраша дали министерката за финансии не верува дека овој заем е добар за државата.
– Не е вистина дека ова се најдобрите пари за финансирање на стопанството, рече Битиќи, потсетувајќи дека владата со ребалансот ја скрати финансиската поддршка за компаниите, кои инвестирале претходната година, а сега ги упатува да земаат кредит.
Како на 915 компании кои минатата година направиле инвестиции чекале државата да им врати пари по основ на предвидливоста, ќе им кажете, ја промашивме годината, ќе ви дадеме помалку, а вие одете земете кредит, нагласи Битиќи.
Во врска со средствата од унгарскиот кредит наменети за општините Битиќи рече дека има многу нејаснотии и додаде дека се слушаат многу невистини.
– Слушаме 136 евра по граѓанин, што звучи убаво, но не е вистина. Објавениот повик е 100 милиони евра, што е помалку, 70 евра по глава на жител. Е сега, јавниот повик е за 100 милиони евра, а во ребалансот во таа ставка има само 75 милиони евра. Дополнително се вели дека заемот е земен за 250 милиони евра. Се даваат 100 за општините, значи остануваат 150 милиони. Владата вели нови 250 милиони ќе има следната година. Нејасно е сега, од овие 150 или ново задолжување? Бидејќи овие пари што ќе се искористат сега, влегуваат во сегашниот буџетски дефицит. Нема да ги има за следната година. Прашањето е дали ќе има нови 500 милиони евра од Унгарија?, рече Битиќи.