Битиќи најави замена на субвенциите за плати со бескаматни кредити

by Фокус

До крајот на месецов ќе бидат оперативни мерките од петтиот пакет за економска помош на стопанството и граѓаните за справување со последиците од ковид кризата за февруари да биде апликативен за евентуалната финансиска поддршка, најави вицепремиерот Фатмир Битиќи.

-До крајот на неделава сакаме да ја затвориме дискусијата со нашите партнери за тоа што е прифатливо, а што не. Со нив не преговараме, туку заеднички се консултираме за да донесеме заеднички решенија и заедно да имаме придобивка од нив – рече Битиќи на ТВ 24.

Во петтиот пакет, како што посочи, се планира да се замени мерката државна помош за исплата на плати со бескаматни кредити за компаниите со грејс период од 12 месеци и период на отплата од три години.

– Во петтиот пакет преовладуваат два концепта за поддршка на плати. Едниот е тој што го имавме, а другиот е таму каде имаат пад на приходите да понудиме нов модел, а тоа е да понудиме преку Развојната банка финансиска поддршка преку кредити коишто имаат нула интерес, што значи дека каматата ја субвенционира државата. Ние и претходно сме немале субвенции за плати, туку сме имале финансиска поддршка за плати. Со тоа правевме еден вид на кредитирање на стопанството за платите на работниците при што им кажувавме кои се условите за дел од помошта или целата да стане неповратна – истакна Битиќи.

Поврзани новости