Битиќи најави олабавување на рестрикции и нов пакет помош

by Фокус

Планираме да има одредено олабавување на мерките во смисла на дозволи за работа, но будно ги следиме препораките не Комисијата за заразни болести, рече вечерва вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи. Тој на ТВ 24 најави дека од утре почнува аплицирањето за финансиска поддршка на платите и дека Владата ќе го соопшти и новиот шести пакет.

-Свесни сме дека затворање на одреден сектор има последици и затоа утре ќе ги донесеме економските мерки. Ќе одговориме соодветно, со сосема нов модел. Воедно сме подготвени исплатите од петтиот пакет да почнат веднаш, најбрзо што е возможно, зашто знаеме колку е потребно средствата да стигнат до граѓаните. Мерката е предвидена за 60.000 плати, за 60.000 работници или 120.000 за два месеца, а тоа се 120.000 семејства – истакна Битиќи.

Тој додаде дека мерката што утре ќе биде соопштена во однос на угостителите како дел од шестиот пакет претставува поддршка на пресметаниот пад на приходите од 30 отсто овој месец додека се затворени. Тоа, според него, значи дека на угостителските дејности целиот период во кој се затворени ќе им бидат супституирани 30 проценти од приходите и дополнително ќе им се дадат 50 отсто од бруто минималната плата за секое вработено лице.

-Ги поканувам и туристичките агенции оваа или следната недела да дојдат и да седнеме заедно, да ги обмислиме мерките на среден и долг рок. Да седнеме, да креираме среднорочен план, тоа е многу подобро од планирање денеска за денеска. Мора да се соочиме со реалноста и да планираме како полесно да ја надминеме кризата – рече Битиќи.

Поврзани новости