Вицепремиерот за економски прашања Фатмир Битиќи најави дека во вторник во Комисијата за заштита од конкуренција лично ќе достави претставка за да се провери дали трговците здружено ги зголемуваат цените на основните прехранбени производи.
-Во вторник во 10 часот ќе одам во Комисијата за заштита од конкуренција да доставам преставка за да почнат да постапуваат во млечната индустрија и во други индустрии, рече Битиќи одговарајќи на новинарски прашања по презентацијата на ИПАРД 3 програмата во Скопје.
Претходно, од Комисијата за заштита на конкуренцијата изјаснија дека тие не можат самоиницијативно да ги проверуваат трговците дали здружено ги договараат цените и дека за да постапат потребно е да биде поднесена преставка.
Во вторник на седница на Влада, како што најави Битиќи, ќе биде донесена и мерка во делот на млечната индустрија поради недостигот на млеко со што производителите ќе може соодветно да интервенираат.
-Ние не може да им ги намалиме цените за тие да работат со загуба. Тоа никој не го очекува, но исто така не можеме да дозволиме на грбот на производителите и на грбот на граѓаните, најголемиот профит да го прават оние кои ги продаваат продуктите, рече Битиќи.