Вицепремиерот Фатмир Битиќи и министерот за економија Крешник Бектеши, на заедничка прес-конференција ги презентираа податоците за исплатата на државна помош по Законот за финансиска поддршка на инвестиции (ЗФПИ) кој е дел од Планот за економски раст, воведен во 2017 година преку кој Владата им дава помош и поддршка на домашните компании за развој и нови инвестиции, а со тоа и за нови вработувања и е наменет за поддршка на развој и зголемување на конкурентноста на домашните компании.
„ЗФПИ првенствено донесе ист третман на домашните со странските компании во поддршката кон нивните инвестиции и сега шест години подоцна ја имаме следната состојба. Во моментов целото портфолио во мојот кабинет е од 919 компании, кои во овие шест години имаат инвестирано над 500 милиони евра а имаме исплатено 100 милиони евра финансиска поддршка кон нив. Преку оваа поддршка ја јакнеме довербата и партнерскиот однос помеѓу стопанството и институциите, бидејќи ако порано постоел страв да се побара било каква поддршка од државата, затоа што тоа значело инспекции и уцена, денеска имаме сосема поинаква слика, не само на редовна исплата, која пред 2 години ја направивме и во две годишни транши за да ги помогнеме компаниите во нивната ликвидност за време на кризата, туку и од 2020 година со почетокот на мојот мандат, имаме 100% исплата на државната помош“ рече Битиќи.
Тој рече дека „оваа година исплатиивме рекордна сума на финансиска поддршка кон компаниите. 39,6 милиони евра се исплатени кон 513 компании, кои а во минатата 2022 година реализирале вкупни инвестиции од 153,3 милиони евра“.
„Годинава посетив голем број од компаниите кои ги поддржуваме преку овој Закон за да можеме да разговараме и да слушнам кои се нивните вистински потреби, за да можеме да одговориме на правилниот начин. Токму поради тоа исплатата ја направивме во две транши, бидејќи сакавме да ги охрабриме и поддржиме компаниите кои инвестираа и се развиваа и во време на криза. Да им овозможиме свежа ликвидност. Но и да обезбедиме сигурност за нивните вработени но и можност на отворање на нови работни места. Ова сметам дека успешно го реализиравме, затоа што компаниите истото и го потврдуваат. Во овие шест години испеавме да ја зголемиме државната поддршка кон компаниите за 12,7 пати, од 3,1 милиони евра на првата исплата во 2018 година, на 39,6 милиони евра оваа година. Што пак споредено со нула државна помош кон домашните компании во 2017 година е веќе споредба која нема потреба и да ја правиме“ смета тој.