Вицепремиерот Фатмир Битиќи денеска на прес-конференција во својство на претседавач на координативното тело за арбитражни постапки ја информираше јавноста за двете нови поведени постапки против државата.
Тој рече дека првата постапка е од страна на Групација Амадеус и Амадеус Девелопмент ДООЕЛ за случајот Шпански скали, за што на 18 август 2023 година е регистрирана арбитражна постапка против Република Северна Македонија според Правилата и Конвенцијата на Меѓународниот центар за решавање на Инвестициски спорови(ICSID).
„Групација Амадеус побарува надомест за прекршувањето на Билатералниот договор за поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со Владата на Република Албанија. Прелиминарните барања на тужителот се Република Северна Македонија да плати отштета на Групација Амадеус за наводно претрпена загуба во износ што моментално се проценува на не помалку од 110 милиони американски долари“ – рече Битиќи.
Тој информираше дека во известувањето за поведување на арбитражна постапка, Групација Амадеус првенствено била одговорна за изградба на комерцијална зграда, вклучително и хотел, во градот Скопје. Дозволата, исто така, барала изградба на скалила, кои беа познати како „Шпански скали“.
„На јавноста и е познато дека проектот „Шпански скали“ е веќе предмет на кривично гонење. Тужителот тврди дека Општината Центар наводно му забранила на Амадеус да започне со градба. И покрај фактот што Општината го издала првичното одобрение за градба во јули 2015 година, другите нејзини одлуки наводно го попречувале развојот на секој нареден чекор. Од 23 мај 2015 година до 30 септември 2015 година, Општината наводно ставила мораториум на градба. Набргу потоа, втората одлука наводно конкретно ја забранила изградбата на хотелот и деловната зграда на Амадеус, почнувајќи од 31 декември 2015 година“, рече Битиќи.
„Во овој момент тужителот само има наведено површни наводи и аргументи без докази и документација во поткрепа на така изнесените наводи. Постапката е покрената неколку години по наводно сторената повреда на договорот. Целиот процес започнува со распишаниот тендер од страна на Министерството за транспорт во 2012 – 2013 година, тогашен министер е Миле Јанакиевски“, рече Битиќи.
За втората постапка, вицепремиерот Битиќи рече дека е поведена од страна на ФЦЛ Амбиенте на 31 јули 2023 година, за случајот приватен партнер на депонијата Дрисла.
„ФЦЛ Амбиенте бара надомест од Трибуналот за прекршување според Договорот за меѓусебната поттикнување и заемна заштита на инвестициите кој го имаме со италијанската Влада од 26 февруари 1997 година и меѓународните закони. Во оваа постапка износот на побарувања не се наведени од страна на побарувачот и истиот се вели дека ќе биде утврден во текот на постапката. Како што се наведува во известувањето за поведување на арбитражна постапка, на 21 ноември 2011 година бил распишан тендер од страна на Град Скопје, во септември 2012 година, Град Скопје издал Решение со кое го избрал ФЦЛ Амбиенте за свој партнер за инвестирање, управување и работење со депонијата Дрисла“, рече Битиќи.
Вицепремиерот Битиќи посочи дека на 18 јануари 2013 година, ЈП Дрисла станало друштво со ограничена одговорност, Дрисла ДОО во кое ФЦЛ МК се стекнал со 80% од уделот во Дрисла ДОО, додека Град Скопје ги стекнал останатите 20%.
„Одлуката за избор на приватен партнер во Дрисла била оспорувана и предмет на неколку постапки пред Управниот и Вишиот управен суд од страна на Шолц АГ која била второ рангирана на објавениот повик од страна на Град Скопје. ФЦЛ Амбиенте ги губи постапките пред Управниот и Вишиот управен суд во 2017 и 2018 година со кои што беше пресудено дека Судот го поништува решението за избор на ФЦЛ Амбиенте за приватен партнер за управување со депонијата. Во 2019 година со одлука на Град Скопје е поништен тендерот за приватен партнер на градот за депонијата Дрисла. Во 2020 Дрисла ДОО повторно се трансформира во јавно претпријатие, за што ФЦЛ Амбиенте поведе постапка пред Управниот суд но без успех во спорот“, кажа Битиќи.