Владата се справува со последиците од неразумното и неодговорното работење на некого. Оштетата што треба државата да ја плати за случајот „Окта“ не е конечна, има процес во којшто двете страни можат да влезат во преговори, изјави денеска вицепремиерот за економски прашања, Фатмир Битиќи во врска со пресудата на Арбитражниот суд во Париз.
– За жал, оваа Влада, како и претходните влади водени од СДСМ последните пет години, мораше да се справи со последиците на неразумното и неодговорно работење на некого. Мислам дека изјавата дадена од експремиерот Љупчо Георгиевски наведува токму на тоа дека заради одлука на Уставниот суд, Владата тогаш раскинала договор иако можела да почека една година да истече договорот. Ова е последица на таквото однесување. Мислам дека адресата за прашањето треба да биде на тие што го раскинале договорот и не довеле во ситуација да се браниме и да гледаме секој денар на нашите граѓани да го заштедиме поради неразумното делување на некого пред 10-тина години, рече Битиќи, одговарајќи на новинарски прашања.