„Ефектот на мерките од програмата на СДСМ ќе биде реформаторски и со подобар живот за граѓаните. За разлика од понудата во политичкиот спектар, независно од која партија, ние пред граѓаните имаме јасна понуда која што се заснова и на апсолутни износ и на релативен износ во одредени сегменти. Притоа јасно кажуваме и за начинот како сето тоа ќе се направи, што сметам дека нужно е во економијата да можеш среднорочно да планираш и да имаш предвидливост “, изјави потпретседателот на СДСМ, Фатмир Битиќи во гостување на ТВ24.
Зборувајќи за економскиот дел од предизборната програма на СДСМ, потпретседателот Битиќи истакна дека станува збор за социјалдемократски ветувања, кои вредносно се ориентирани и истите се праведни, правични и солидарни.
Во однос на воведувањето на данок од 0% на личен доход за примателите на минимална плата, Битиќи нагласи дека со оваа мерка ќе се помогне на работниците.
„Ќе им овозможиме на стопанствениците поголема флексибилност за истите средства да ги искористат за да ги зголемат платите, за да повлечат нагоре одредена категорија на граѓани кои примаат минимална плата“, појасни Битиќи.
Во емисијата тој дискутираше и за започнатите реформски работи кои не може да се видат во ниту една програма на другите политички партии.
„Реформската работа е редовна активност на секоја влада која што ја прави за да постигне одреден резултат во одреден временски период и тоа не доаѓа никогаш краткорочно, туку доаѓа во среден рок или во долг рок. Имаме започнато иницијатива за интегриран информациски систем за финансиски менаџмент во државата, кој што ќе стави ред и во Министерството за финансии и во Управата за јавни приходи“, рече Битиќи, притоа споменувајќи го и информацискиот систем за државната помош, кој ќе придонесе за поголема ефикасност и ефективност во доделувањето и управувањето со механизмот на државна помош.
Битиќи нагласи дека реформата значи подобрување на бизнис процесите, за на крај, финалниот резултат да биде поприфатлив за сите граѓани и граѓанки.