Мора да испратиме сигнал дека тие што трошат многу, ќе си плаќаат повеќе. Ние се доведовме во состојба, 17 потрошувачи да ни трошат 10 проценти од произведената електрична енергија, порача вечерва претседателот на Регулторната комисија за енергетика Марко Бислимоски.
На гостувањето во емисијата „Само интервју“ на Канал 5 телевизија, Бислимоски уште еднаш повтори дека кај над 98 проценти од домаќинствата ќе има зголемување од само 7,4 проценти.
– Воведувањето на блокови важи само за скапата тарифа. Прво, имавме еден сет предлог на блок тарифи, но по дебатата, ги проширивме границите. Анализите покажуваат дека и становите кои се греат на инвертери, ќе влезат во вториот, малку во третиот блок. Ние сме свесни дека има граѓани надвор од Скопје кои се греат на струја. Поради тоа го зголемивме и вториот и третиот блок, нагласи Бислимоски.
Според Бислимоски, состојбата во енергетиката мора да се подобри и да се размислува за градење на капацитети со кои ќе се обезбеди базна енергија.
– Проблемот со производството исплива на површина во годиниве на криза. Да произведуваме до пет илјади гигават часа на годишно ниво, енергетската криза полесно ќе ја поминевме. Мора сега да размислуваме за иднината, да се градат капацитети и да се обезбеди базна енергија, рече Бислимоски.