Грејната сезона ќе почне на 15 октомври и ќе трае до 15 април наредната година, но може да почне и од 1 октомври, доколку прогнозата за средната надворешна температура е помала или еднаква од 12 Целзиусови степени, според податоците на УХМР.
Ова денеска го соопшти претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимовски, кој информираше дека поради инвестиции во дистрибутивната мрежа на БЕГ и оптимизирање на нивните капацитети за производство на топлинска енергија, потрошувачите топлинската енергија ќе ја добиваат околу 6 часот.
Тој посочи дека БЕГ, „ЕСМ енергетика“ и „Скопје Север“ ги имаат направено сите неопходни подготовки за старт на грејната сезона и се целосно подготвени и не очекуваат никакви проблеми.
„Добивме информација од компаниите што вршат дистрибуција и снабдување со топлинска енергија дека се во постојана комуникација со потрошувачите со цел да ги подготват и системите кои ги има секое домаќинство. Уверени се дека се 100-процентно подготвени за новата грејна сезона. Особено не радува што производството на топлинска енергија од когенеративната постројка ТЕ-ТО ќе биде значително поголемо оваа грејна сезона отколку во претходните што е добро бидејќи нивната цена втора година по ред е за 15 проценти пониска од цената на топлинската енергија која ја даваат топланите“, рече Бислимоски.
Инаку, сите три топлани, согласно препораките од Министерството за здравство, се соодветно организирани во тимови кои ќе работат на смени со цел да им излезат во пресрет на потребите на потрошувачите. Во изминатиот период, поради состојбата со ковид-19, најголем дел енергетските компании ги дигитализираа услугите за информирање и пријавување дефекти за сервис преку соодветни платформи на нивните веб-страници.
Во Скопје вкупно околу 60 илјади домаќинства и објекти се греат на топлинска енергија. Од почетокот на годината досега има околу илјада нови потрошувачи приклучени на системот за дистрибуција на топлина.