Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски вечерва во гостување на „Топ тема“ соопшти дека е против сега да има зголемување на цената на електричната енергија. Тој рече дека не би можел да каже колку ќе биде цената на струјата во евра зашто тоа, напомена, е одлука на менаџментот на ЕСМ и на Владата.
Според него, ЕСМ треба да ја откупува произведена електрична енергија од новите фотоволтаици. Клучно е да се испрати сигнал дека купувањето електрична енергија по екстремно ниски цени и тоа како ќе биде добредојдено за да се релаксира ситуацијата во електроенергетскиот систем.
Бислимоски укажа дека ЕСМ треба да го подобри производството од своите електрани, како лани, а следниот чекор што мора да го направи е да биде многу поактивна на пазарот на мало.
„Јас сум противник сега да има зголемување на цената на електричната енергија зашто се изградија многу фотоволтаици во државата. Од 1 јануари минатата година до сега има нови 256 мегавати обновливи изори приклучени на мрежа од кои 205 – 206 се фотоволтаици кои треба да ги искористиме. Во ред е да заработуваат, но ЕСМ треба да се вклучи активно и да ја откупува нивната произведена електрична енергија за да заштеди вода и јаглен и тоа да го искористиме во периодите кога ќе биде извесно дека цените на електрична енергија и природен гас ќе растат. Да си ги заштитиме домашните ресурси, хидрологијата е поволна. Да ги чуваме водата и јагленот за кога најмногу ќе ни треба. Претпоставувам дека менаџментот на ЕСМ и Владата прават анализи и калкулации, но не треба да има драстични пореметувања на цената на електричната енергија. Воведовме сериозна реформа во однос на тарифните блокови и тој тренд што го имаме треба да го искористиме. Испративме сигнал да се штеди со цел да обезбедиме и ЕСМ да произведува, но да има можност и да биде многу поактивен на пазарот на електрична енергија. Ние ќе испратиме сигнал и со воведувањето евитна тарифа, и до ЕСМ и до ЕВН Хоум – купувајте електрична енергија кога е најевтина“ рече Бислимоски.