Да се основа регионална голема берза за електрична енергија преку која би се одбегнала ситуација како онаа од пред еден месец кога цената на струјата во регионот беше трипати повисока од онаа во Западна Европа, предложи првиот човек на Регулаторната комисија за енергетика, Марко Бислимоски.
– Го добивме објаснувањето од Европската енергетска заедница кое се однесува на тоа дека причините биле зголемување на температурите, поради тоа била затворена нуклеарна централа во Романија и имало недоволни интерконекции во регионот, но јас сметам дека тоа што влијаеше во регионот не произлезе од реигонот. Во Бугарија, Грција и Романија како земји членки го издигнаа прашањето на далеку повисоко ниво и дури ќе бараат одреден финансиски надомест.
Јас присуствував на Бордот на регулаторни тела на земјите членки на ЕЕЗ и таму сега ќе имаме заеднички настап на мој предлог, да се направи сериозна анализа и да се каже која е причината. Ако биле прекуграничните капацитети, да знаеме да се инвестира, но според мене тие функционираа во јануари и февруари, па немаше проблем со цените. Сега имаше денови со трипати повисока цена на струјата. Јас мислам дека еден од проблемите во регионот е што сите берзи се реферираат на берзата во Унгарија ХУПЕКС каде што тргнуваат и играчи од средна Европа.
Треба да направиме како регион наша голема сериозна берза која ќе ги отсликува случувањата во нашиот регион за да ги одбегнеме надворешните влијанија. Но, кога ќе се почне да се разговара за заеднички проект прво се поставува прашањето каде ќе биде сместена. Верувам дека е подобро да имаме заедничка берза која ќе ги намали трошоците и сме релативно мали пазари.
Со голема берза од регионот таа ќе биде интересна за трговците и ќе има поголема трговија – образложи Бислимоски.
Орце Костов