Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) е во постапка за одземање на лиценците на Балкан енерџи груп (БЕГ) за производство, дистрибуција и снабдување со топлинска енергија, информира денеска претседателот на РКЕ, Марко Бислимоски.
-Тоа значи дека во моментот кога ќе ги одземеме лиценците ќе ја информираме Владата и согласно Законот за енергетика Владата е должна да распише тендер на кој ќе треба да се најдат нови вршители на енергетската дејност. За одземањето на лиценците нема да има реперкусии и ниту граѓаните, ниту, пак, индустријата нема да плаќаат ниту еден денар, рече Бислимоски во одговор на новинарско прашање на денешната прес-конференција заедно со професорот Рубин Талески од ФЕИТ на која беше презентиран калкулаторот за новиот тарифен систем за универзалниот снабдувач со електрична енергија што од денеска е достапен на веб страницата на РКЕ www.erc.org.mk преку кој граѓаните може да направат споредби за сметките меѓу постојниот и новиот предлог тарифен систем со блок тарифи за високата тарифа на потрошена струја.