Бислимоски: Парното поскапува за 5,03 проценти

by Fokus

Парното поскапува за 5,03 проценти, информира на денешната прес-конференција на претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски.

Како што истакна Бислимоски, причина за поскапувањето е зголемувањето на цената на природниот гас на светските берзи и намаленото производство на ТЕ-ТО кое наместо 60 отсто учествувало со 51 отсто во производството на топлинска енергија, а новата цена ќе важи од 1 февруари годинава. Цената за потрошувачите на топлинска енергија во Град Скопје ќе се зголеми за 5,03%, како резултат на зголемената цена на природниот гас на светските берзи за 16% во последниот квартал од 2024 година.

„По доставено барање од страна на ЕСМ Дистрибуција на топлина, ЕСМ Производство на топлина и ЕСМ Снабдување на топлина, РКЕ пристапи кон длабинска анализа која покажа дека цената на природниот гас во последниот квартал од изминатата година е реално зголемена на светските берзи за 16%.

Во одлуката од јули пресметката за цена на топлинска енергија е направена со прогнозирана цена на природен гас од 37 евра за 1 MWh (Q4 2024), а сега при набавка на природен гас постигната е цена од 43 евра 1 MWh. Како што знаете, ние сме 100% зависна земја од увоз на природен гас, енергенс кој е основно гориво за работа на топланите и за да продолжи непречена испорака, неопходно беше да се донесе оваа одлука.

Ова зголемување се очекува просечната сметка да ја зголеми за околу 100 денари и од сегашните 2100 денари, од февруари да се плаќа околу 2200 денари. Вие знаете дека минатата година имавме обратен процес кога цената на природниот гас на берзата беше пониска од предвидената и поради тоа донесовме поволна одлука за категоријата останати корисници. Сметките тогаш се намалија за 35%.” изјави Марко Бислимоски, претседател на РКЕ.

РКЕ во текот на следната недела ќе го разгледа и ќе донесе одлука по барањето за цена на ЕСМ Енергетика кои снабдуваат околу 2000 корисници.

Орце Костов

Поврзани новости