Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ) Марко Бислимоски во полиција го пријавил нападот од Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ, Муса Џафери.
-Во СВР Скопје синоќа во 23.54 часот М.Б. (45) од Скопје пријавил дека на тераса од угостителски објект на подрачјето на Центар бил физички нападнат од А.Џ. (28) од Скопје, информираат од МВР, додавајќи дека ќе поднесат соодветен поднесок.
Како што претходно објавивме, доцна синоќа Аријанит Џафери, син на поранешниот функционер на ДУИ Муса Џафери и сопственик на компанијата за снабдување со електрична енергија „У Пауер“, физички го нападнал претседателот на Регулаторната комисија за енергетика Марко Бислимоски. Инцидентот бил снимен, а видеото се шири по медиумите и социјалните мрежи.
Наводно, причината за нападот врз Бислимоски е одлуката на Регулаторната комисија од 23 септември годинава да започне постапка за одземање на лиценцата за снабдување со електрична енергија на фирмата на синот на Џафери.