„Ако не се постави новиот топловод на мостот Беласица, граѓаните ќе се соочат со високи цени за парното греење“ рече првиот човек на РКЕ, Марко Бислимоски.
Тој стои на ставот дека одлука за нова цена на парното нема да се носи додека надлежните не ги постават новите цевки, за да може да се користи енергијата од ТЕ-ТО, која е поевтина од другите топлани.
– Додека не добиеме цврсто убедување дека ќе се постави, нема да има одлука. Доста беше заради нечии преписки тоа да оди на грбот на граѓаните, вели Бислимоски.
Не сакаше да открие дали при носењето на новата одлука парното би поскапело, но уверува дека нема да дозволи ценовен шок.
– Треба да се знае дека при носење на оваа одлука, треба да се вратат и 6 милиони евра позајмица на Владата. Дали тоа ќе биде веднаш или ќе се договори да биде за период од две или три години ќе видиме – додава Бислимоски.