Додека РКЕ ги анализира барањата поднесени од енергетските компании за цената на електричната енергија на регулираниот пазар за наредните шест месеци што ќе важи од 1 јули годинава, претседателот Марко Бислимоски вели дека ќе се обидат и годинава да бидат креативни со цел да се избегне ценовен шок.
„Барањата се дојдени, ние ги анализираме и во најголем дел сме завршени со анализите за МЕПСО, а завршени сме и за „Електродистрибуција“, но останува најбитниот дел цената со која „Електродистрибуција“ ќе ги купи загубите на електрична енергија на тендерот кој ќе биде објавен утре и количините на електрична енергија кои ќе ги купи универзалниот снабдувач, исто така на утрешниот тендер. Откако ќе ги дознаеме цените, ќе ги завршиме пресметките и во текот на следната недела ќе ја информираме јавноста за нашите одлуки“ изјави Бислимоски.
Како најбитни за цената на струјата во наредните шест месеци, тој ги истакна тендерот на кој ЕСМ ќе понуди електрична енергија за универзалниот снабдувач и тендерот на кој ќе понуди цена за покривање на загубите во дистрибутивната мрежата. На цената ќе влијае и зголемувањето на ДДВ од 10 на 18 отсто и тоа за 7,2 проценти.
„Ние ги носиме цените без ДДВ и ќе се обидеме и оваа година да бидеме креативни со цел да се избегне ценовен шок врз потрошувачите во државата“ – истакна Бислимоски.
Во врска со враќањето на евтината дневна тарифа на електричната енергија, тој посочи дека РКЕ ги завршува анализите и ги знае техничките проблеми кои ги има во процесот.
„Во овој момент имаме сериозно разединување за колкав временски период тие технички софтверски проблеми може да се надминат. Овие неколку дена ќе ги искористиме за интензивна комуникација со операторот на дистрибутивниот систем за да видиме реално кога и како може да започне имплементацијата на евтината тарифа“ – посочи Бислимоски.
Рече дека сигурно е оти евтината тарифа ќе биде воведена.