Крајната цел е основните и средните училишта, македонските компании, јавните комунални претпријатија и прочистителните станици да добијат пониска цена на електричната енергија од пазарната и наместо да се финансира ЕВН и да му се плаќа маржа, ЕСМ директно да им ја продава на нив, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) Марко Бислимоски.
-Мојот предлог е ЕСМ преку својата компанија за продажба, директно да им продава на овие категории на потрошувачи по цена, која што ќе биде пониска од цената која што е во моментов на регулираниот пазар за малите потрошувачи. На тој начин ќе избегнеме на ЕВН Хоум да им се даваат дополнителни пари за маржа, а ќе обезбедиме ЕСМ како државна компанија, која што добила субвенции од државата, да ги намали овие субвенции, рече Бислимоски во емисијата Студио 10 на ТВ 24.