Бислимоски: Ако РКЕ ја одредува цената на водата, ќе се намалат загубите

by irena 13:35
13:35

Претседателот на Регулаторната комисија за енергетика, водни услуги и услуги за управување со комунален отпад (РКЕ) – Марко Бислимоски е оптимист дека може да се подобри состојбата на јавните водоводни претпријатија во државата доколку РКЕ ја определува крајната цена за секоја водна услуга.

Тоа, како што вели, ќе ги намали загубите на вода и ќе придонесе за инвестиции во водоводната инфраструктура без притоа драстично да се зголемат сметките за водните услуги.

-РКЕ во соработка со здружението на водоводните претпријатија во државата АДКОМ работи на доставување на предлог за измени и дополнување на два закона со што ќе се овозможи РКЕ да ја определува крајната цена за секоја водна услуга – рече тој.

Со тоа, додаде, нашата одлука ќе биде задолжителна за водоводните комунални претпријатија.

-На тој начин ќе го поедноставиме целиот процес имајќи во предвид дека сите наши методологии се поттикнувачки и даваат сигнал до претпријатијата без разлика на нивната дејност да ги намалуваат своите трошоци. Веруваме дека на тој начин ќе обезбедиме повеќе инвестиции во водоводната инфраструктура во државата имајќи во предвид дека загубите на вода на државно ниво ни се 64 проценти. Очекуваме дека со овој нов концепт ќе се придонесе за нови инвестиции во оваа инфраструктура која е стара 50, 60 па и 70 години со што ќе се овозможи намалување на загубите и ќе се намали процентот на ненаплатена вода. На тој начин потрошувачите ќе имаат стабилно и сигурно снабдување со вода, но заради намалување на загубите нема да има никакво сериозно зголемувања на цените за водните услуги, рече Бислимоски.

Слични вести