Биодизелот е смеса на чист и фосилен дизел. На бензинските станици во Европската Унија дизел-горивата содржат и до 10 проценти чист биодизел што се меша со фосилниот дизел на посебна постапка. На тој начин се исполнуваат нормите за квалитет и, истовремено, со користењето на ова гориво се намалува емисијата на штетни гасови.
Сите дизел-горива продадени на бензинските станици во Европската Унија во 2017 година содржеле биодизел, додека 87,6 проценти од бензинот содржел биоетанол.
Според податоците од Извештајот за работата на Регулаторната комисија за енергетика за 2018 година, во структурата на потрошувачката на нафтените деривати на домашниот пазар во 2018 година доминираат дизел-горивата со 67,15 проценти, додека биогоривото има удел од само 0,2 процента.
На домашниот пазар се потрошени вкупно 571.893 тони дизел-гориво и само 1.747 тони биодизел. Извештајот на Европската агенција за животна средина за квалитетот и емисијата на стакленички гасови од горивата во транспортот во Европската Унија за 2017 година, објавен на 31 октомври 2019 година, покажува дека 72,3 проценти од вкупно продаденото гориво во 2017 година било дизел-гориво, а на бензинот отпаѓаат 27,7 проценти. Продажбата на бензин има раст од 2,9 проценти, додека дизел-горивото има раст од 5,2 процента.
На ниво на Европската Унија 71,9 проценти од бензинот продаден во 2017 година содржел до 5 проценти етанол, односно 15,7 проценти со содржина до 10 проценти етанол.
Од дизел-горивата продадени во Европската Унија во 2017 година 83,8 проценти содржеле до 7 проценти чист биодизел, додека 16,2 процента содржеле и повеќе од тој процент чист биодизел.