Министерството за внатрешни работи излезе со официјални информации за вчерашната акциска констрола во угостителски објекти во Скопје. Билансот од вчерашната акција е приведување на три лица, нападнати двајца полициски службеници и констатирано е дека објектите во кои е влезено немаат лиценца.
Од МВР соопштуваат дека ацијата се вршела во координација на СВР Скопје со Државниот инспекторат за труд, Управата за јавни приходи и Државниот пазарен инспекторат. При тоа била извршена контрола во седум угостителски објекти, лоцирани во градскиот парк и неговата поблиска околина.
„Од страна на СВР Скопје преземени се следните мерки и активности: легитимирани се вкупно 21 лице, приведени се три лица и тоа: А.И.(25) од Скопје кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдено огнено оружје-пиштол „Берета“ со рамка со 10 (десет) куршуми; И.Р (33) од Скопје, кој бил присутен како гостин во угостителски објект и кај истиот при личен преглед е пронајдена паковка со непозната прашкаста материја; и О.У (44) од Скопје, сопственик на угостителскиот објект, кој одбил да ја почитува наредбата издадена од полициските службеници и се спротиставил на превземање на службени дејствија. Исто така во еден од објектите се затеканати и шест малолетници лица кои се приведени во ПС Карпош заради утврдување на идентитет. Кај пет лица кои работеле како обезбедување било утврдено дека не поседуваат лиценци“, велат од МВР.
Како што велат од полицијата од Државниот инспекторат за труд, во сите контролирани угостителски објекти било констатирано дека работат без соодветна документација за вршење на угостителска дејност издадена од Министерство за економија на Република Македонија, додека од страна на УЈП во два угостителски објекти констатирана е разлика во прометот во готово и прометот во фискалните каси , по што на истите им е изречена забрана за вршење дејност во траење од 15 денови.
„Регистрирано е и едно кривично дело „Напад врз службено лице при вршење на работи од безбедноста“ при што се повредени двајца полициски службеници. Поточно, при преземање на мерки, односно приведување поради сомнение за претходно нарушен јавен ред и мир, лицата С.М(34) и Б.С (18), двајцата од Скопје физички ги нападнале униформираните полициски службеници, при што им нанеле телесни повреди. Лицата се лишени од слобода и против истите ќе биде поднесена кривична пријава по член 383 од КЗ на Република Македонија“, соопштија од полицијата.
По однос на реакциите на социјалните мрежи за демонстрирање на сила и моќ од страна на полицијата и влегување со автоматски пушти во дискотеките, од МВР додаваат:
„За спроведувањето на акциските контроли направена е претходна проценка за бројот на присутни лица, како и околностите во кои тие се спроведуваат, заради што се ангажирани соодветен број на полициски службеници кои постапувале согласно процедурите и законските одредби. Доколку се воочат евентуални недоследности, Одделот за внатрешна контрола и професионални стандарди ќе превземе соодветни мерки“, посочуваат од таму.