Универзитетскиот професор Мерсел Биљали смета дека може да се очекува сериозен напредок во односите меѓу Македонија и Бугарија, по интензивната комуникација меѓу премиерите Димитар Ковачевски и Кирил Петров, формирањето на повеќе секторски работни групи и одржувањето на меѓувладина седница.
-Мислам дека севкупната безбедносна состојба во Европа, првенствено поврзана со Украина, ќе ја натера бугарската страна на конструктивност. Дополнително ќе зајакне притисокот на моќниците врз Бугарија, па ние треба да ја искористиме шансата – вели Биљали за Фокус.
За разлика од него, поранешниот македонски амбасадор во Софија Марјан Ѓорчев не е толку голем оптимист дека ќе се надмине ситуацијата со бугарското вето на македонските евроинтеграции. Според него, преговарачкиот процес ќе биде долготраен и тежок.
-Двете страни се многу далеку од видливо и брзо решение по клучното прашање- оспорување на историскиот континуитет на македонската нација и јазик – изјави Ѓорчев за Фокус, додавајќи дека Македонија треба да опстои на црвените линии во Резолуцијата усвоена во нашето Собрание.