На собраниската Комисија за избори и именувања денеска беа интервјуирани кандидатите кои се пријавиле на огласот за новиот состав на Антикорупциската комисија. Меѓу нив беа поранешни владини функционери, обвинители и правни експерти, но најголемо внимание предизвика актуелниот јавен обвинител Златко Биковски.
Биковски е најдобро познат по тоа што го водеше предметот „Пуч“. Беше вршител на должност во Обвинителството за организиран криминал, откако неговиот надреден, Јово Илиевски, беше избран за судија во Европскиот суд за човекови права во Стразбур. На прашање дали реагирал за конфликт на интереси имајќи предвид дека Илиевски е баџанак на тогашниот шеф на УБК, Сашо Мијалков, Биковски одби да коментира.
-Каков бил професионалниот однос меѓу нив двајца не можам да коментирам, претпоставувам истите имале лични контакти како роднини, но и професионални како носители на функциите на кои биле. Не би се впуштил во претпоставки и шпекулации дали во тоа обвинителство имало некаква форма на судир на интерес помеѓу овие две лица – рече Биковски.
Тој рече дека кога работел како обвинител за организиран криминал му се јавувале пратеници да прашуваат за предмети. Како што рече, неговите реакции на таквите обиди за влијанија биле „културни и професионални, но ригорозни“.
Биковски се пофали дека во својата досегашна работа има два поголеми успешни случаи „Метастаза“ и „Калдрма“.
Процесот на селекција преку интервјуирање на кандидатите, го водат претставници на МАНУ, Интерпарламентарната унија и здруженија на граѓани кои се борат против корупцијата. Новоизбраниот претседател и шесте члена на комисијата ќе бидат со мандат од пет години, без право на повторен реизбор. Комисијата за прашања на изборите и именувањата, најдоброрангираните кандидати ќе ги предложи на Собранието, најкасно до петок.