Бикини

by Фокус

Кога професионалните статистичари зборуваат за просек, алудираат на најмалку три вредности: аритметичка средина, модус и медијана, кои може да бидат многу различни, па откриваат или сокриваат крајно различни работи. Популарен е вицот за дел од народот што јаде исклучиво месо, а друг само зелка, па произлегува дека просекот е сарма.

Пишува: Д-р Гроздан ЦВЕТКОВСКИ

- Advertisements -

Статистиката е чудо. Ако не би ја имало, треба да се измисли. Таа е како бикини. Открива многу, но ги сокрива најважните поединости!

Чудесна направија – покажува важни податоци, ама не најбитните и суштински. Исто како една нога да е во леген со врела вода, а другата во студена. Гледано статистички, мошне пријатно и лагодно уживање!

Постојат три вида лаги – обична, бесрамна и статистика. Последнава е точен збир од неточни податоци! Иронична поговорка, која се актуализира со бојкотите на супермаркетите поради високите цени на прехранбените производи, а во тој контекст и минималната потрошувачка кошница.

Според ССМ, во декември таа изнесувала 62.861 денар, а со изнајмен стан дури 78.236 денари. Преведено, вредноста на минималната синдикална кошничка не ја покриваат три минимални плати!

ПРОСЕК

Најомилена суптилна статистичка техника за (дез)информација на јавноста е просекот. Замајување со дневни и периодично известувања за солвентноста на буџетот, животниот стандард, животниот век, стапка на невработеност, плати и пензии, температура и загаденост на воздухот, зголемување на животните трошоци. Купишта од информации, кои се сведуваат на една бројка или процент.

Кога професионалните статистичари зборуваат за просек, алудираат на најмалку три вредности: аритметичка средина, модус и медијана, кои може да бидат многу различни, па откриваат или сокриваат крајно различни работи. Популарен е вицот за дел од народот што јаде исклучиво месо, а друг само зелка, па произлегува дека просекот е сарма.

Меѓутоа, реалниот живот е многу помалку комичен од ваквите бајати вицови. Примерно, според Државниот завод за статистика, просечната месечна нето-плата во ноември 2024 година изнесувала 42.000 денари, односно околу 700 евра, а минималната нешто повисока од 22.500 денари. Кога би се зафркавале, разбира се!

Статистичката просечна плата од 700 евра може да се достигне само со бројот од неколку илјади лица, чии плати се помеѓу  5.000 и 15.000 илјади евра. Битен фактор во креирањето на просечната плата се и огромните плати што се пријавуваат во УЈП. Хипотетички, ако сопственик на фабрика и тројца од менаџерскиот тим пријавуваат бруто-плати од 20.000 евра, а на 500 вработени им се исплаќа минималец, просечната плата ќе се набилда на недостижни 45.000 денари.

Башка, статистичките податоци не ги опфаќаат категориите на вработените на црно, со скратено работно време и со договор на дело на одредено време.

„ОД ТРИТЕ ПОДОЛГОТО“

„Квака“ е и анализирањето од истражувања само на дел од јавното мислење, најчесто телефонски, со т.н. репрезентативен примерок од илјада испитаници. Конечно, проблематично е мешањето баби и жаби. На пример, споредбата на починатите од пандемијата на корона вирус пред пет години со шпански грип во 1918 година, бидејќи светот тогаш и по сто години е многу различен.

Разбирливо, најапла статистичка лага е кога бројките и процентите се тресат од ракав. На пример, кога агенциите за мерење рејтинг и медиумите пропагандно и лажно прикажуваат податоци за висок процент на доверба на граѓаните за одредена политичка партија.

Значи, статистиката е само метода или техника, а не факт или вистина сама по себе. Основниот проблем е во човековото рацио, кој веднаш кога ќе види одреден број или процент, помислува дека станува збор за промислен, цврст и несоборлив факт.

На крајот од колумната, за релаксација, а во контекст на темата, може да се поентира со изреката „Сѐ може да биде, ама не мора да значи“, која се однесува на матење бистра вода и ескивирање точни податоци со неточни одговори.

Парадигматичен пример може да биде статистичката должина на машкиот атрибут, според која, во просек најдолг од 18,2 см имаат Конгоанците, а најмал од 9 см Кореанците.

Врз основа на овие параметри, статистички просечната големина на машкиот атрибут на Конгоанците и Корејците е 13,1 см. Ама, во реалноста тоа воопшто не значи дека на Кореанците им пораснале, а уште помалку дека на Конгоанците им се смалиле.

Суштински, изреката претставува основано сомневање за одредено тврдење, за кое народски се вели „Од трите подолгото“. Тоа е статистиката!

Поврзани новости