Бик нападнал сопружници на нива, неговиот сопственик го брани: Не бил агресивен кога ги оплодувал кравите!

by Фокус

Жител на делчевското село Град е пријавен во полиција од сопружници, кои тврдат дека неговиот бик ги нападнал на нива, а воедно им нанел штета на овоштарникот и на колата.

„Во понеделник во 15.20 часот во СВР Штип било пријавено дека во нива на место викано „Низамски ниви“ во с.Град, делчевско,  С.С. и неговата сопруга Ј.С. биле нападнати од бик, сопственост на соселанецот М.С., при што биле направени оштетувања на овоштарникот и на нивното возило. Увид на местото извршила увидна екипа на ОВР Делчево, при што се работи на комплетирање на случајот, а против М.С. е поднесена соодветна пријава“, информира делчевската полиција.

Сопственикот на домашното животно потврди дека откако бил известен, заедно со полицијата излегле на лице местото каде се случил немилиот настан. Според него, полицијата е таа која треба да открие дали има прекршок.

-Ако има некој прекршок, нека ме гонат, ако оштетените ако имаат штета, исто така нека ме гонат прекршочно. Јас ако сум виновен, ќе одговарам, но како што кажав, за однесувањето на самиот бик имам сведоци од Илиово до Истевник. Не барам од никој привилегии ни врски, само сакам да дојдат сите во судот и да кажат како се однесувал бикот, дали бил агресивен или не, кога ги осеменувал кравите – вели тој.

Притоа, тој додава:

„Мојот бик што го чувам на ланец во цело Делчево од Илиово до Стар Истевник сите крави ги има изводено, со камиончето самиот го носам бикот ги осеменува кравите и пак си гo враќам назад. На никој досега не правел ништо може да ги прашате сите фармери дали нападнал некој газда да го брка или направил некој инцидент. Слободно од Илиово до Истевник може сите да ги прашате, а највеќе во село Вирче, каде кравите се на мојот бик осеменети“.

Дописникот на МИА, пак, стапил во контакт и со лицето С.С., кое го пријави случајот. Тој го опишал немилиот настан:

„Тоа што се случи е голема траума за мене и сопругата, 45 минути како да бевме во Шпанија. Доживеавме големи трауми, имаме документи од брза помош извадено лекарско со записник, ставени инјекции, преглед од психијатар, извршен беше увид од самата полиција кои беа на лице место на самиот овоштарник.

За самото лице не знам што да кажам, во тој момент се однесуваше некултурно со дофрлање погрдни зборови, иако лично не се сретнавме потоа за да кажеше барем „извинете”. Значи тој стрес што го доживеавме е голем, ќе биде гонет кривично, а и приватно од наша страна. Мое мислење е дека тој бик еден ден ќе отепа некого“.

Поврзани новости