Поп и РНБ пејачката и ТВ водителка Бесјана Касами, позната на естрадата како Биг Мама, вели дека со 2017 година ги испраќа и вишокот на килограми. Во текот на годината таа успеала да изгуби цели 38 килограми и го промени изгледот до непрепознатливост. За читателите на Фокус ја откри тајната на драстичното слабеење, за кое вели дека е најдоброто нешто што и се случило во животот.
-Не се работи за никаква диета или пак вежбање до исцрпеност. Напротив, не држев диета ниту еден ден во изминатата година, јадев се што сакам, но во помали количини. Тајната за изгубените 38 килограми е во операцијата која што ја направив на деветти јануари во Турција. Се работи за зафатот кој е доста популарен на западот изминатиот период, односно за операција со која ми беше стеснат желудникот. Веднаш по интервенцијата немав никакви проблеми, се вратив дома, продолжив да функционирам нормално. Единствената разлика е во тоа што сега јадам почесто, но помали количини на храна. Не се откажав од ниту едно кулинарско задоволство, а со умерено вежбање започнав дури сега, речиси една година по операцијата – раскажува Биг Мама, која во минатото беше препознатлива по своите облини.
Таа додава дека ова е најпаметното нешто што го направила.
-Знам дека се работи за метода која кај нас сеуште не е многу застапена, но на сите кои сакаат да намалат тежина, а без при тоа да гладуваат и да се откажат од слатка, мрсна, или која и да им е омилената храна, им препорачувам да го следат мојот пример – вели Бесјана, притоа не откривајќи колку ја чинела операцијата.
Биг-мама истакнува дека периодов е многу често во Тирана, Албанија, каде е дел од забавен проект, односно музички натпревар со познати имиња од сцената, а емисијата наскоро ќе се емитува на повеќе телевизии.
-Постојано настапувам, ја водам и мојата емисија на ТВ21, годинава гостував во Косово, Албанија, Германија, Швајцарија, Белгија… Во 2018 година ме чека турнеја во Америка. Работам со исто темпо како и пред да ги изгубам килограмите, новиот изглед немаше големо влијание на мојата публика. Лично јас се чувствувам многу посигурно, поубаво и поздраво со новата килажа – вели Биг Мама.
За Новогодишната ноќ ќе настапи во Тетово, а потоа пак заминувала во Тирана.