Пораката од премиерот Зоран Заев е примена во ЕУ, вели професорот на Универзитетот во Грац, Флориан Бибер.
-Ќе има шанса по изборите во Бугарија, кога ќе постои стабилна влада, за да учествува во дијалогот. Можеби новата германска влада ќе ја продолжи оваа политика оти сега, иако го поддржува проширувањето, Германија нема влада којашто може да нареди да се тргне блокадата, оти во спротивно ЕУ ќе го изгуби кредибилитетот. Мислам дека пораката е слушната. Во следните месеци ќе видиме дали ќе одговорат – рече Бибер на ТВ 21.
Според него, спојување на Македонија и Албанија во интеграцискиот процес отсекогаш било грешка.
-Тоа требаше да биде тандем, две држави кои одат по истиот пат, но проблем е што се поврзани толку длабоко. Но ако сега ги разделат зашто Северна Македонија доби блокада од Бугарија, ќе пратат погрешна порака. Многу земји членки сфатија дека постои ризик да се заборави Северна Македонија. Пред 20 години беше во тандем со Хрватска, на почетокот на Спогодбата за стабилизација и асоцијација. Сега е ризично да се разделат Северна Македонија и Албанија, иако, според мене, нивното спојување е проблем од почетокот – додава Бибер.